Ердоган и Путин разговараа за стратешки проекти и трговски цели


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин се состанаа денеска за да разговараат за билатерални и глобални прашања во Астана, главниот град на Казахстан, на маргините на 24-от Самит на шефови на држави на Организацијата за соработка во Шангај, јавуваат турските медиуми.

-Со Русија разговараме и за нуклеарната централа во Синоп. Верувам дека ќе преземеме сериозни чекори во овој поглед, рече Ердоган, мислејќи на планираната изградба на централа во црноморскиот регион Туркије.

Тоа ќе биде втора нуклеарна централа во Турција, заедно со Акуја во Мерсин во јужна Турција, и втора изградена во партнерство со Москва.

-Нашата цел е да постигнеме обем на трговска соработка во износ од 100 милијарди долари меѓу Турција и Русија, веќе имаме потенцијал за тоа, рече турскиот претседател.

Путин на средбата со Ердоган рече дека и покрај сите тешкотии во светот, односите меѓу Русија и Турција напредуваат чекор по чекор.

Тој го истакна напредокот во нивните „стратешки проекти“ и рекордните бројки во туризмот, со 6,7 милиони руски туристи што ја посетиле Турција минатата година.

На средбата во Астана, Ердоган го покани Путин да ја посети Турција, а рускиот претседател изјави дека посета на Анкара секако ќе има.

Back to top button
Close