ЕСМ ќе и продава поскапа струја на ЕВН, ценовниот шок ќе се амортизира со три часа евтина тарифа

Донесена е одлука на Владата според која што ЕСМ би понудил на ЕВН количини на електрична енергија по цена од 60 евра за мегават час и ЕСМ ќе може да обезбеди 85 проценти од потребите на универзалниот снабдувач, вклучувајќи ги домаќинствата.

– Оваа Регулаторна комисија ја помина и ковид кризата, помина сериозна енергетска криза, никогаш не дозволивме ценовни шокови, така што и сега со сите механизми што стојат на располагање, ќе ги искористиме за да нема шокови. Оваа цена од 60 евра можеме да ја менаџираме, но мене ме загрижуваат оние 15 проценти кои ќе се обезбедат од слободниот пазар каде што цената во зависност од денот се движи од 90 до 100 евра за мегават час – истакна првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Тендерот завршува на 20 јуни по што универзалниот снабдувач ги прави пресметките и тој само ќе ги достави до РКЕ на контрола така што конкретни информации околу цената ќе има по завршувањето на тендерот и во текот на следната недела. Профитната маржа на ЕВН со која ќе се калкулира ќе биде до 9,5 проценти.

Бислимоски најави амортизирање на ценовниот шок со три часа евтина струја во текот на денот.

– Она што сакам да го потенцирам е дека правиме напори да бидеме прва земја во Европа која ќе има три часа евтина струја во текот на денот – додаде тој.

Ако ова се реализира, тоа најверојатно ќе се случи од следниот декември за што ќе биде потребно повторно сетирање на броилата на ЕВН.

Бислимоски ги демантираше шпекулациите дека цената на лебот е поврзана со цената на струјата.

– Најголемите производители на леб своите потреби на електрична енергија ги обезбедуваат на слободниот пазар. Цените таму во изминатиот период се многу пониски отколку во 2022 и 2023 година. Така што оваа информација дека цената на струјата ќе влијае врз цената на лебот е тотална невистина. Ова не е во интерес на граѓаните – дополни Бислимоски.

Back to top button
Close