Етел Аднан – филозофината која сликаше поезија и пишуваше слики

На 14-ти ноември, на 96 години, почина Етел Аднан, за мене една од најфасцинантните творечки личности на нашево време. Таа беше филозофина која сликаше поезија и пишуваше слики. Небаре во неа легендарната Шехерезада да раскажуваше со магијата на сликите. Тие и мене ме восхитија од првиот миг. Затоа што во нив ја видов детски чистата, но толку мистична поезија на боите на Паул Кле, обединета со длабокиот апстрактен спокој на Марк Ротко. Таа ги обединуваше во своите дела световите на тие, на кои и јас им се восхитувам. Всушност, прво ме зачуди името: Етел Аднан. Како да доаѓаше од непознатото. Како да беше само шифра. Не знаев во која култура да го сместам. Затоа што Етел Аднан навистина живееше над сите граници. Не само над националните и јазичните граници, туку и над уметнички жанровските. Таа беше и суптилна поетеса и вдахновена писателка и волшебна сликарка и длабокоумна филозофина!

Секако, веќе нејзината биографија звучи како древна приказна од далечниот Ориент. Етел Аднан, единствената ќерка од вториот брак на офицер во турската отоманска армија, Сириец и муслиман од Дамаск, е родена 1925-тата во Бејрут. Мајка ѝ, дваесет години помлада од мажа си, била православна Гркинка, од градот Смирна (Измир), каде што ја запознал како тамошен армиски командант. Етел со мајка си зборувала грчки, со татка си турски, во француското католичко училиште, француски. Арапскиот јазик бил строго забранет. Го научила од децата на улицата, но не научила и да пишува на него. 1949-тата ги започнала студиите по француска литература и филозофија во Бејрут, потоа во Париз, на Сорбона, за да ги заврши на Харвард, во САД, каде што докторирала во естетиката и филозофијата на уметноста.

Mazedonien Kica Kolbe SchriftstellerinКица Колбе

„Секогаш живеам далеку од некое место“

Етел Аднан раскажува дека во арапскиот свет никогаш немала видено сликарско дело. Луѓето имале фотографии и таписерии, но не и уметнички слики. Со татко ѝ одела на пазарот како во музеј, за да ги гледаат килимите. Првпат видела уметнички слики на дваесет години, во музеите во Париз. Ги доживела како ненадејна екстаза. Од 1958-та до 1972-та предавала естетика и филозофија на уметноста на доминиканскиот колеџ во Сан Рафаел во Калифорнија. Една колешка, професорка на колеџот, ја прашала еднаш дали и таа слика, затоа што не можела да предава естетика и филозофија на уметноста, а да не слика! Таа ѝ подарила кутија со бои. Кога еден ден го открила јазикот на боите како сликарка, Етел Аднан не почнала веднаш со сликање. Најнапред правела таписерии. Секако, килимите биле првите „слики“ што ги видела на ѕидовите во Бејрут. Меѓутоа, нејзините таписерии се прекрасни модерни апстрактни композиции.

1972-тата се вратила во Бејрут, каде работела како новинарка во културната редакција на дневен весник. Војната во Либија повторно ја вратила во Париз. Таму 1978-та го објавува романот „Сит Мари-Роз“, приказна за младата жена која ја познавала од гимназијата во Бејрут. Католичката христијанка Мари-Роз им помагала на палестинските бегалци и поради тоа била убиена. Романот предизвикал во арапскиот свет лавина од омраза кон Етел Аднан и таа во доцните 70-ти се преселила во Калифорнија. Иако во американскиот егзил станала позната писателка и сликарка, европската уметничка сцена ја открила дури по изложбата на „Документа“ во Касел 2012-тата. Тогаш Етел Аднан имала 87 години! И не била ниту малку дебитантка, туку сликарка со сопствен израз. А почнала да слика во американскиот егзил пред да пишува поезија и есеи на англиски. Сликарството за неа било творечко засолниште кога уште не го знаела добро англискиот за да пишува на него. Сликарството било јазикот на егзилот. Подоцна пишува поезија на англиски. Нејзините филозофски есеи се деконструиран израз, кревок фрагмент, мигновена контемплација. А сето тоа многу пред постмодернизмот! Етел Аднан го промислува автентично и постколонијалниот дискурс пред тој да стане мода. Кај неа тој е животна приказна, биографска стигма на жената која им припаѓа на двата антагонистички света – на Западот и на Истокот. Истокот за неа останува „зона на копнежот“, затоа што тој е постојано присутен во неа, но во отсуство. „Секогаш живеам далеку од некое место“, пишува таа. Далеку од местото на детството, Бејрут, кој затоа станува „изгубениот рај“.

Стих со бои

До смртта во Париз пред две недели, Етел Аднан секоја година неколку месеци поминуваше во Калифорнија и во Париз, а често престојуваше и во Бејрут, иако оној во кој се родила го немало. Живееше во пет јазика, а пишуваше на англиски и француски. Тие не беа ниту јазикот на мајка ѝ, ниту на татко ѝ. Не беа ниту јазикот на земјата во која се роди. Сепак, Етел Аднан беше една од најреномираните писателки и сликарки во арапскиот свет. Со филозофските списи, во кои размислуваше за траумата од војната, за животот во егзил, за улогата на жената и за уметноста, таа беше многу значајна особено за еманципираните жени во арапскиот свет. Самата сведочеше за една несекојдневна творечка кариера. Нејзината сила потекнува од неверојатната живост на нејзиниот дух. Нејзиниот поглед, оној на жената од 90 години, е поглед на детето кое се радува на животот. Во едно интервју вели дека нејзината среќа била во тоа што немала многу искуство во сликарството кога почнала да слика. Што сѐ доживувала во сликарството толку силно, небаре светот да бил создаден во сета негова убавина во мигот кога го погледнала. Затоа што никогаш не студирала сликарство на некоја уметничка академија, таа не била ограничена со никакви конвенции. Почнала да слика мали формати на платна, кои ги положувала на работната маса. Не сликала од почетокот со четка, туку со шпахта. Така до крајот на животот сликањето го доживувала како да пишува стих со бои. Можеби токму затоа Етел Аднан е толку слободна во изборот на боите, кои се длабоко префинети и поетски. Некаде запишува дека сето творештво е борба на светлината со темнината. Таа со своето сликарството навистина направи боите силно да блескаат на нејзиниот јазик на копнежот – оној на кој сигурно силно блескале ѕвездите на ноќното небо врз Бејрут, во нејзиниот „изгубен рај“.

Кица Колбе

   извор: ДВ

Back to top button
Close