ЕУ како џокер од бугарски ракав

Бугарија своето повеќе од вековно тетеравење низ историскиот тунел, исполнет со помрачени санстефански илузии и негирање на посебноста на македонскиот народ и неговиот јазик, го означи со гранитна блокада на македонскиот европски пат. Ветото навистина ù послужи на Софија како силно оружје за да покаже, јасно и гласно пред цела Европа, под кои и какви услови некој може да зборува за поимот “добрососедство“, се разбира, поред бугарски толковен реченик.

Одбивајќи блокадата да ја нарече со вистинското име – вето, Екатерина Захариева, како самопрогласен губернатор кој испорачува услови, вели дека бугарската позиција за неодобрување на преговарачката рамка се должи на игнорирањето на предупредувањата, меѓу другото, за „блокирање и политизација на работата на Комисијата за историски и образовни прашања“. Веројатно мислејќи на предупредувањата на бугарските членови на комисијата, на кои им се стемнува пред очи при самото споменување на придавката „македонски“.

Но се слушнаа и низа други предупредувања, дека таквото однесување е далеку од барање решение во духот на европските вредности. Билатералните историски спорови внесуваат само магла и тешко би можеле да се расчистат на европско ниво.

Во својата лажна загриженост за процесот на проширување, настојувајќи да укаже дека стремежот да се стане членка на Унијата подразбира и почитување на билетаралните и на мултилатерните договори, Бугарија од ракав како џокер го извади не само ветото, туку и целата ЕУ и нејзините механизми на соработка, за да се обиде да добие разбирање и поддршка во главните историски метрополи за историските „аргументи“ со кои Софија со децении наназад ги оправдува своите аспирации кон соседниот народ и држава.

А околу историските заблуди и обидите за наметнување на „културни и јазични решенија“ од позиција на сила и моќ, се вкстуваат сведоштва низ целиот европски простор. Оттаму и бројните „извинувања“ поради последиците од неправедното ширење на хегемонија и територијална доминација во интерес на проповедање на национална исклучивост и великодржавен шовинизам.

Токму деновиве едно такво извинување упати владата на Данска, поради социјалниот експеримент во 1950-тите години во кој биле вовлечени деца од Гренланд (поранешна данска колонија). Станува збор за деца кои биле принудно преселени во Данска за да станат „дански“. Децата биле земени од Гренланд со цел да бидат асимилирани, да го научат данскиот јазик и да го заборават своето потекло. Планот бил тие подоцна да се вратат на Гренланд како лидери кои зборуваат дански. Некои од тие деца се сè уште живи, а деновиве примиле писмо со извинување лично од данската премиерка Мете Фредериксен. „Длабоко сум трогната од човечките трагедии кои во себе ги содржи ова прашање“, рече таа на средбата со новинарите во Копенхаген.

Таков вид извинувања, сеедно дали се искрени или помалку искрени, се чини воопшто не функционираат на Балканот. Она што денеска го пропагира бугарскиот државен врв, игнорирајќи ги сеќавањата на воената окупација на Македонија, при што бугарската „администрација“ насилно го воведувала бугарскиот јазик во училиштата, денес би требало да биде релативизирано со наметнување и конечна реалзација на пројкетот на „същия език“ и обидинување на “поделениот народ“ во една држава. Но грубото наметнување на еден таков понижувачки политичко-социјален експеримент е нешто што не е видено во поновата европска историја.

Сосема е јасно дека се очекуваше покатегорична реакција од ЕУ. Но прашање е дали се добири предлозите кои се слушнаа деновиве, Македонија привремено да го замрзне спорот со Бугарија. Дилемата е дали таквиот развој не би го поттикнал, на пример, францускиот претседател Макрон, кој пред две години беше прв кој истапи со блокада на проширувањето кон Западен Балкан, сега повторно да го засили своето уверување дека внесувањето на билатерланите балкански спорови во ЕУ само уште повеќе може да ги искомликува проблемите што веќе ги оптоваруваат европските интеграции.

Можеби е поважно сепак да се разгледаат сите аспекти поврзани со бугарско-македонскиот договор од 2017 година. Забележливо е дека во последно време тој зачестено се нарекува, и во медиумите и од страна на политичарите, Договор за добрососедство, иако оригиналниот наслов е „Договор за пријателство, добрососедство и соработка“. Но пријателството некако исчезна напоредно со засиленото бугарско мавтање со ЕУ-ветото. Сеедно дали ќе биде оценето како пост фестум реакција, и самиот Заев горчливо констатира дека „Бугарија испорача гест кој не покажува ниту пријателство ниту братство“.

Деновиве можеа да се слушнат интервјуа со познати бугарски интелектуалци, кои се обидуваат со сите можни мисловни акробации да го објаснат негаторскиот став на премиерот Бојко Борисов, за „Македонците кои се насилно преобратени Бугари од страна на комунистичката Интернационала“, дека го користи таквиот став во интерес на билдање на сопсџтвениот рејтинг во предизборната кампања во Бугарија.

Но дали пријателите всушност не ги бираат своите зборови на помудар начин? Бидејќиу, ако е навистина потребно некакво ревидирање, тогаш можеби би било добро да се ревидира Договорот за добрососедство, така што од неговиот наслов ќе се исфрли „пријателството“. Факт е дека двајца соседи можат и покрај сите меѓусебни проблеми да се договорат и да прифатат услови што ќе значат еден “поднослив“ живот, еден до друг, но без притоа да мораат да се принудваат и на – пријателство. За многумина тоа веројатно би било – подобро решение.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close