ЕУ најавува помош од 710 милиони евра за заедниците погодени од криза, главно во Африка

Европската Унија ќе издвои 710 милиони евра за помош на заедниците погодени од кризи, природни катастрофи или конфликти, главно во Африка, објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Конфликтите, екстремните временски настани и зголемувањето на трошоците за живот ги нарушуваат животите на многу луѓе низ целиот свет“, изјави фон дер Лајен пред Генералното собрание на ОН во Њујорк, според соопштението за медиумите објавено доцна синоќа на веб-страницата на ЕК.
Благодарение на оваа помош, „ќе ги поддржиме раселените заедници низ цела Африка, како и заедниците што ги примаат“, додаде таа.
ЕУ ќе издвои околу 380 милиони евра во регионот на Субсахарска Африка за финансирање на активности поврзани со миграцијата „со цел заштита на ранливите мигранти, поддршка на доброволното враќање и реинтеграцијата“, се додава во соопштението за медиумите.
Пакетот, исто така, вклучува 252 милиони евра за обезбедување итна поддршка на луѓето и заедниците погодени од конфликти, раселување, епидемии и природни катастрофи.
Овие средства се специјално наменети за луѓето во Субсахарска Африка – 97 милиони евра, за палестинските територии и Либан – 103 милиони евра и за Украина – 52 милиони евра, за да им се помогне да се подготват за претстојната зима.






