ЕУ подготвува воена помош за Украина во вредност од 20 милијарди евра

Европските лидери работат на пакет воена помош за Украина во вредност од најмалку 20 милијарди евра, со цел да го зајакнат Киев, додека САД сè повеќе се усогласуваат со Москва во однос на интерпретацијата на војната, изјавија тројца дипломати на ЕУ за „Политико“.

Пакетот се предлага откако американскиот претседател Доналд Трамп го обвини украинскиот колега Володимир Зеленски за војната во Украина, нарекувајќи го „диктатор“ кој ги измамил САД да потрошат милијарди долари на воена помош. Републиканскиот претседател на Претставничкиот дом, пак, во четвртокот изјави дека во Вашингтон „нема апетит“ за дополнителна помош за Киев.

Според дипломатите, износот на помошта, која би вклучувала артилериски гранати, ракети и финансиски средства, би можел дополнително да се зголеми во пресрет на средбата на министрите за надворешни работи в понеделник во Брисел. Првичните проценки на „Политико“ биле меѓу 6 и 10 милијарди евра, но таа сума е ревидирана во текот на преговорите.

Процесот го координира високата претставничка за надворешна политика, поранешната премиерка на Естонија Каја Калас, а целта е да се надмине досегашната европска воена поддршка. Помошта, која сè уште е предмет на преговори, веројатно ќе биде составена од национални придонеси на земјите членки, наместо од централен фонд на ЕУ, со оглед на противењето на некои држави, особено Унгарија.

В понеделник, високи функционери на ЕУ, како и лидерите на Шпанија, нордиските и балтичките земји, ќе отпатуваат за Киев по повод третата годишнина од руската инвазија. Истовремено, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ќе заминат за Вашингтон на средба со Трамп, при што Макрон ќе ги сподели заклучоците од консултациите со другите украински сојузници и ќе се обиде да добие подобро разбирање за ставот на американската администрација.

Back to top button
Close