ЕУ за една недела ќе го прогласи „Јадар“ за стратешки проект вон Унијата, тврди српскиот претседател
Проектот за ископ на литиум Јадар во Србија, Европската унија ќе го прогласи како нејзин стратешки проект надвор од ЕУ за седум или осум дена. Такво тврдење денеска од Брисел упати претседателот на таа држава Александар Вучиќ
По работната вечера со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Вучиќ за српските медиуми изјави дека „оние кои се радуваа денеска брзаат“ да забележат дека проектот „Јадар“ не е на списокот на стратешки проекти на ЕУ.
„Овие луѓе не се глупави, тие се само злонамерни и донекаде неписмени и секогаш брзаат. Не знаат дека денеска се спомнуваа само проекти што се во ЕУ. А, за седум-осум дена ЕУ ќе го објави „Јадар“ како нејзин стратешки проект надвор од земјите на ЕУ. Повторно излажаа, повторно брзаа некаде“, рече Вучиќ.
Европската комисија денеска, за првпат, објави листа од 47 стратешки проекти чија цел е зајакнување на домашните капацитети за стратешки суровини, а со тоа зајакнување на европскиот синџир на вредност на суровини и диверзификација на изворите на снабдување.