Еве што велат играчите на МРФ за Светското првенство
Ракометната репрезентација на Македонија беше поразена со 32-25 (18-14) од Франција на последниот меч од главната фаза на Светското првенство.
Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Филип Кузмановски, по синоќешниот пораз изјави дека ќе треба да помине малку време за да разберат колку е пропуштено како репрезентација и колку шанси имаа „црвено-жолтите“ за пласман во четвртфинале. Тој го пофали и системот на Лазаров:
„Горд сум на овие момци, од еден до последен се бореа до последна минута. Покажавме карактер, покажавме како треба да се игра за Македонија. Има многу простор за напредување. Покажавме како треба да се бориме. Добро работиме и веруваме во тој систем што ни го покажа Лазаров. Кире многу ни има овозможено во однос на тоа како да се справиме на натпреварите и како да го анализираме противникот, истакна Кузмановски“
За мечот со Франција, смета дека во тимот имало и малку умор и тешко е да се игра против нив.
„Тоа е тим со големи ѕвезди, но собравме сила и одигравме до крај. Среќен сум и одиме напред“, порача капитенот на Македонија.
Пешевски, пак, вели дека овој турнир е еден од подобрите во однос на физички план за македонската репрезентација.
„Покажавме дека во Македонија има снага, сила, мотивација за во иднина, со која ќе ги радуваме Македонците. Овој натпревар беше за уживање со претендент да го освои ова натпреварување. Франција е велесила, се спротиставивме со сите можни сили и мислам дека оставивме добар впечаток и ќе ни биде тоа мотив за во иднина, изјави Жарко Пешевски по синоќешниот меч на ракометната репрезентација на Македонија, кој беше и последен на Светското првенство“.
Од Франција прв се огласи Лазаров, селекторот на ракометната репрезентација на Македонија:
„Ова е едно големо искуство за младите играчи, носејќи се со вакви ѕвезди кои секоја година освојуваат по повеќе титули, а ние доаѓаме од една мала Македонија, од македонска Суперлига. Мора да сме задоволни, со една мала горчина дека можевме повеќе. Но, знаете, треба да верувате во тие работи, а ние не верувавме“.
Голманот Митревски додаде дека доколку не се работеше за Франција или Данска, против секој друг противник би имале поголеми шанси за победа.
„Можеби го подигнавме малку нивото, но видовме дека на овој турнир детали ни фалеа да се пласираме во четвртфинале. Доколку ги добиевме двата нерешени натпревари овој натпревар ќе беше за прво место, но она што треба да го научиме како играчи, како нација е да веруваме во себе и да се бориме против секој. Видовме тука дека можеме против секого“.