Европската федерација на новинари ја напушта Икс: Платформата повеќе не служи на јавниот интерес
Европската федерација на новинари (ЕФЈ) одлучи да не објавува ништо на платформата Икс на Илон Маск од 20 јануари 2025 година, кога Доналд Трамп официјално ќе стане 47-ми претседател на САД.
„Како и многу европски медиуми и новинарски организации, ЕФЈ смета дека повеќе не може етички да учествува во социјалната мрежа која нејзиниот сопственик ја претвори во дезинформативна и пропагандна машина. Не можеме да продолжиме да учествуваме во социјалната мрежа на човек кој прогласи смрт на медиумите, а со тоа и на новинарите“,
рече претседателката на ЕФЈ, Маја Север.
Според неа, социјалната мрежа Икс станала вектор за теории на заговор, расизам, екстремно десничарски идеи и мизогинска реторика.
„Икс е платформа која повеќе не служи на јавниот интерес, туку на одредени идеолошки и финансиски интереси на нејзиниот сопственик и неговите политички сојузници“ смета Север.
Генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез ги повика сите подружници и организации кои ја бранат слободата на изразување да се префрлат на други платформи.
„Уредувачката еволуција на Икс, откако беше купена од Илон Маск, едноставно е во спротивност со нашите хуманистички вредности, нашата посветеност на слободата на медиумите и медиумскиот плурализам и нашата борба против сите форми на омраза и дискриминација. Одлуката да се отстрани нашата сметка @EFJEUROPE ни се чинеше очигледна и ги повикуваме сите подружници и организации кои ја бранат слободата на изразување да се префрлат на други платформи“,рече Гутиерез.
Веднаш по изборот на Трамп за нов американски претседател, Илон Маск, кој беше активен во политиката и како финансиски поддржувач на Трамп, изјави дека традиционалните медиуми се мртви, тврдејќи дека поголемиот дел од традиционалните медиуми ја лажеле јавноста.