(Видео) Драматична ноќ на Брач: Речиси 700 луѓе евакуирани со бродови поради големиот пожар


Речиси 700 лица беа евакуирани по морски пат од островот Брач во Хрватска во текот на ноќта, откако голем пожар се закани на поширокото подрачје на Милна и принуди голем број луѓе да бараат спас на брегот.

Спасувачката операција започнала синоќа, 12 септември, во 21:56 часот, по повеќе пријави дека на западната страна на островот има голем број луѓе кои се обидуваат да се извлечат од подрачјето кон кое се приближувал огнот.

Според хрватското Министерство за море и транспорт, операцијата ја координирале Националниот центар за координација на потрагата и спасувањето на море во Риека и Лучката капетанија Сплит.

Во спасувањето биле вклучени четири спасувачки пловила на сплитската Капетанија и нејзините испостави во Милна, Хвар и Макарска, три полициски пловила, брод и две брзи пловила на хрватската Крајбрежна стража, два реморкери, две пилотски пловила, повеќе чамци на Хрватската горска служба за спасување, два туристички брода и голем број приватни пловила.

На спасувачките бродови биле качени и медицински екипи за веднаш да може да им се помогне на евакуираните доколку има потреба.

Ситуацијата дополнително се влошила по полноќ, кога кон брегот почнале да пристигнуваат сè повеќе луѓе кои бегале од пожарот. Во 00:30 часот бил ангажиран и бродот „Омиш“, на кој бил организиран приемот и згрижувањето на луѓето евакуирани од заливите кај Осибова. 

Back to top button
Close