„Фајненшл тајмс“: ЕУ ќе издвои дополнителни 200 милиони евра за Гренланд

Европската унија ќе обезбеди дополнителни 200 милиони евра финансиска поддршка за Гренланд, а одлуката се очекува в недела да ја објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на главниот град Нук.

Лондонски „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на двајца европски претставници запознаени со плановите за посетата, пишува дека предвидените средства за Гренланд ќе се однесуваат на периодот 2026-2027 година.

Дополнителните 200 милиони евра ќе се надоврзат на 225 милиони евра што ЕУ веќе ги има издвоено за Гренланд во рамките на буџетот за периодот 2021-2027 година.

За време на посетата, Фон дер Лајен се очекува да потпише и декларација за зајакнување на економските врски меѓу ЕУ и Гренланд, арктички остров со околу 57 илјади жители.

Посетата на Фон дер Лајен доаѓа во време на засилено внимание кон безбедноста на Гренланд и поширокиот Арктички регион. Данска во август за првпат во својата модерна историја распореди регрути на Гренланд, својата автономна територија кон која американскиот претседател Доналд Трамп отворено покажува територијални претензии.

Данското Министерство за одбрана тогаш соопшти дека Копенхаген ќе го продолжи и прошири военото присуство и активностите во Арктикот и северниот Атлантик до крајот на годината, заедно со неколку сојузници од НАТО.

Во и околу Гренланд во наредниот период се очекува зголемено присуство на авиони, бродови и воен персонал.

Back to top button
Close