Фајненшнл Тајмс: Изборите во Србија на 25 октомври ќе бидат најтешката битка во политичката кариера на националистот Вучиќ

Парламентарните избори во Србија на 25 октомври ќе бидат најтешката битка во политичката кариера на претседателот Александар Вучиќ, неоспорниот националистички лидер кој владее со земјата 12 години, пишува британскиот весник Фајненшл тајмс.

Лондонскиот весник оценува дека Вучиќ повикал на вонредни парламентарни избори во обид да го продолжи своето владеење – со цел да си го отвори патот да стане премиер пред да му истече претседателскиот мандат напролет.

Српскиот лидер се соочи со широки протести поради корупција и авторитарните тенденции, а од студентското движење се појави силна опозициска група која би можела да го симне од тронот, потсетува ФТ.

Студентите прво артикулираа општи барања како што се одговорност на носителите на јавни функции и ефикасен владин надзор, но подоцна се фокусираа на Вучиќ, кого опозицијата го смета за автократ и корумпиран. Тие побараа предвремени избори и отстранување на Вучиќ од јавниот живот, наведува ФТ.

Весникот објавува дел од вчерашното соопштение на Студентите во блокада, а како главни елементи на програмата „Студентски список“, тие ги споменаа реформата на судството и обвинителството, мерки против корупцијата, вклучувајќи проверки на владини функционери, конфискација на нелегално стекнат имот и нови гаранции за слободата на медиумите.

Како важни делови од програмата, тие споменаа и поголема поддршка за образованието, заштитата на работниците и потрошувачите, прифатлива и достапна здравствена заштита, поддршка за земјоделството и прифатливите станови, додаде британскиот весник.

Иако функцијата претседател е церемонијална според Уставот на Србија, Вучиќ ги контролира државните институции како најмоќен човек на владејачката Српска напредна партија, а неговиот посакуван премин на функцијата премиер многумина го споредуваат со сличен потег на рускиот претседател Владимир Путин во 2008 година, наведува „ФТ“.

Весникот посочува дека протестите, кои траат речиси две години низ целата земја и привлекуваат стотици илјади луѓе, ја потресоа контролата на Српската напредна партија врз српската политика.

Анкетите на јавното мислење, како што е наведено, не се сметаат за целосно веродостојни во Србија, но неодамнешното истражување на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (CRTA) со седиште во Белград покажа дека студентското движење, меѓу решителните гласачи, има предност од околу девет проценти во однос на Српската напредна партија. Традиционалната опозиција е во хаотична состојба, а повеќето од овие партии се под прагот од три проценти, се додава во истражувањето.

Србија е под притисок и на меѓународно ниво, истакнува ФТ. Односите со Западот се влошија бидејќи Вучиќ се смета за некој што го поткопува владеењето на правото и негува блиски врски со Русија и Кина, а истовремено го одржува жив агресивниот српски национализам.

Белград неделава предизвика огромно меѓународно негодување бидејќи осудениот воен злосторник Ратко Младиќ беше погребан со помпезност, карактеристично за националните херои, наведе ФТ, додавајќи дека синот на Вучиќ, Данило, и неколку членови на владата беа на погребот.

Back to top button
Close