ФФМ бара извинување од репрезентативецот на Албанија, Даку за пцовките упатени кон Македонците

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска преку писмено соопштение изрази загриженост и осуда за националистичките скандирања и навреди на репрезентативецот на Албанија, Мирлинд Даку насочени против Македонците по завршувањето на вчерашниот натпревар помеѓу Хрватска и Албанија на Европското фудбалско првенство во Германија – ЕУРО 2024.

Зградата на Фудбалската федерација на Македонија / Фото: Архива

„Ја изразуваме нашата длабока загриженост и недвосмислена осуда во врска со националистички скандирања од Мирлинд Даку, репрезентативец на Албанија, насочени против македонската држава по завршување на вчерашниот натпревар Хрватска – Албанија од Европското првенство“,се вели во реакцијата на ФФМ.

Имено, по натпреварот во кој репрезентацијата на Албанија со гол во судиското продолжение успеа да извлече бод играјќи нерешено против Хрватите (2 : 2), Даку зеде мегафон од навивачите и заедно со публиката скандираше пцости кон Македонците и Србите.

На видеата објавени на социјалната платформа Икс може да се види како репрезентативецот на Албанија преку мегафонот извикува пцовка кон Македонците, по што навивачите продолжуваат со скандирање на навредите.

Од ФФМ во соопштението велат дека станува збор за неприфатливо однесување, спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот.

„Спортот, особено фудбалот е основа за здружување на луѓето од различна национална припадност и средина за соработка и почит. Националистичката реторика, сепак, ги поткопува овие принципи, поттикнувајќи поделба и непријателство меѓу навивачите и општествата. Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како што се ФИФА и УЕФА“,се вели во реакцијата на ФФМ.

Оттаму велат дека за ваквото скандалозно однесување Фудбалската федерација на Македонија ќе испрати официјален допис до УЕФА.

Од Федерацијата истовремено го повикаа фудбалерот на Албанија, Мирлинд Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика.

„Исто така, ги повикуваме релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти. Нашата посветеност за промовирање единство, почит и фер игра во спортот останува на прво место“, велат од ФФМ.

Поради навреди и националистички скандирања упатени кон Србија и Србите, Фудбалската федерација на оваа земја (ФФС) побара од УЕФА да ги казни репрезентациите на Хрватска и Албанија и најави дека доколку не се преземат никакви мерки, ФФС ќе ја повлече репрезентација на Србија од натамошното учество на ЕУРО 2024.

Back to top button
Close