Филипче: „Албанија и Црна Гора одат напред а Македонија стои во место“

Додека земјите од регионот забрзано ги исполнуваат европските критериуми и се приближуваат кон членство во Европската Унија, Македонија стагнира и го губи чекорот со соседите, оцени претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Филипче посочи дека Црна Гора е во завршна фаза од преговорите со Европската Унија, додека Албанија бележи значителен напредок во отворањето и затворањето на преговарачките поглавја.


„Регионот оди напред. Црна Гора веќе е при крај со процесот, а и Албанија многу брзо напредува кон членството во Европската Унија“, изјави Филипче.

Тој ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека со своите политики ја оддалечува државата од европскиот пат и ја остава изолирана во регионот.

Според него, актуелниот момент е особено важен бидејќи проширувањето е меѓу стратешките приоритети на Европската Унија, а Македонија треба да ја искористи шансата за напредок.

Осврнувајќи се на реформската агенда, Филипче оцени дека неспроведувањето на клучните реформи покажува отсуство на вистинска политичка волја за интеграција во Унијата.

„Се потврдува тоа што го говориме изминатите месеци, дека оваа Влада едноставно не сака во Европа. Патот напред се уставните измени. Ако ја испуштиме оваа можност, можеби следна шанса нема да има“, порача Филипче.

Back to top button
Close