Помпезна прослава на најголемиот пораз
Oстанува неизвесно само која победа ќе ја славиме. Дали таа што и по три и пол децении не ја оправдавме независноста и не ги остваривме најголемите државни интереси, или пак таа што успесите ги прогласивме за велепредавства
Ерол Ризаов

Граѓаните на Македонија ќе платат милиони за најголемата прослава на независноста. Помпезно ќе се одбележува 35 годишнината од самостојноста на државата. Ќе гостуваат светски sвезди, веќе е најавен голем спектакл. Досега се познати настапите на оперската мега sвезда Хозе Карерас, светскиот диџеј Давид Гета и 120 домашни изведувачи, за публиката сѐ е „бесплатно“. Ќе се плати од државната каса која ја полнат граѓаните, а ги троши власта. Ќе има патриотски говори. Ќе биде тоа голема фешта на сенародно одушевување. Големо браво и благодарност до организаторите. Ќе има награди и одликувања и анатема на вистински заслужните.
Oстанува неизвесно само која победа ќе ја славиме. Дали таа што и по три и пол децении не ја оправдавме независноста и не ги остваривме најголемите државни интереси, или пак таа што успесите ги претворивме во најголем пораз, прогласувајќи ги за велепредавства на националните интереси.
Ќе ни кажат ли огнените говорници колку се зголемил животниот стандард и квалитетот на животот и колку ни е убаво, колку станавме достоинствени и горди за летот во место. Или повторно и повторно ќе ги слушаме жалопојките за неправдите што ни се прават, за светскиот и комшискиот заговор против Македонија, за загрозениот идентитет, за промена на уставното име, за откорнатиот ни јазик,за украдената ни историја, за масовното бегство на младите од „независната“ и просперитетна татковина, за редиците да се добие бугарски пасош, за спасување од недојдија и од беда, за криминалот и корупцијата, за меѓуетничките и меѓумакедонските односи на заедништво во омразата, за чистата животна средина, за сите големи успеси, за поволните задолжувања во милијарди евра што ќе ги плаќаат уште неродените деца. Прекрасна слика за нашите состојби, достоинство и гордост.
Се разбира, тоа не се теми кога се слави и одбележува историски датум, иако задолжително ќе се истакне и во оваа пригода кој е виновен за „неуспесите“ и кој е заслужен за „успесите“, кои се непријателите, предавниците, глодарите, лешинарите, арамиите, а кои се чесните патриоти што ја спасуваат Македонија да остане таму каде што е, во очај и неизвесност, иднината и натаму да ни биде судбина. Посебноста на Балканот во одбележување на историските датуми е прославата на поразите, и деградациите на победите. Македонија во тоа не заостанува. Дури и својата најголема победа, единствената голема победа извојувана во Втората светска војна со формирање на првата национална држава Федерална Република Македонија, која стапи во федерација со другите југословенски републики во првите години на независноста беше маргинализирана со националистичка демагогија за грешките на комунизмот наспроти достигнувањата. Се предизвикаа големи тензии што вовлече голем број луѓе во деструкција небаре сме биле во ропство во Југославија како колонија на Србија.
Сѐ што е вредно се ограби и уништи
Револуционерната политичка партија за национално единство ги приграби црните петна од годините на социјализмот, поништувајќи ги со тоа големите достигнувања што ги оствари Македонија во југословенската федерација. Зошто на Срем, а не на Солун, кој го уби Коста Рацин, страдањата на Голи Оток, смртните пресуди на заслужни дејци, конгрес во Солун, обединување на Македонија во етничките граници, блокирање на сообраќајот на границата со Грција, беа тогашните партиски пропаганди на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа со манипулации го потиснаа во заборав огромното наследство што го добија на тацна 1991 година со прогласување на независноста без испукан куршум.
Ако се мери со аргументација на фактите што сѐ е изградено и кои достигнувања на сите полиња се остварени во Македонија од 1945 до 1991година и колку жртви и страдања се положени за тоа и што наследија партизаните од Кралството Југославија, а што големите демократи без борба 1991 година, резултатите се поразителни за лажните патриоти изнедрени под јорган планина. Сѐ што е вредно се ограби, распродаде или уништи.
Денес уште лелекаат за идентитетот кој никој не може да го одземе, освен самите, а најголем удар направија со налудничевата потрага по антички идентитет подигајќи грандиозни и скапи споменици и антички градби кои само по неколку години се распаѓаат. Во тој список влегува и царската палата на најбогатата партија во Европа која управува со најсиромашниот народ.
Корупцијата ни ја уништи иднината
Континуитетот од вековите пред Христа проектирајќи пославно минато на потсмев на светот го докажуваа со плуканките испретени во Швајцарија како ДНК да се докаже потеклото од Амаинта трети, Филип Втори и се разбира, Александар Македонски. Се избришаа имињата на улиците на народните херои од НОБ за на нивно место да се постават имињата на античките владетели. Се отиде до таму во ерата на „груевизмот“ да се маргинализира и словенското потекло на Македонците, па дури и македонскиот јазик патриотските шарлатани го пласираа како татко и мајка на сите јазици, тврдејќи дека процесот е обратен, односно сите јазици настанале од македонскиот.
Корупцијата и будалаштини ја уништија европската иднина на Македонија да стане дел од ЕУ уште пред 20 и кусур години.
Светот што гледаше со симпатии и респект кон Македонија и ја прогласи заедно со Словенија како први држави по распадот на Југославија што ги исполнуваат условите за независност и почнување на преговорите со ЕУ за рамноправно членство го смени односот по античката луда авантура на владата на премиерот Никола Груевски. Децениските преговори со Грција од промена на името само за надворешна употреба без задирање во идентитетските посебности и без промена на уставното име прерасна во ерга омнес, промена за сите употреби, како што слабееја позициите на Македонија поради безмерни глупости.
И кога конечно се постигна компромис, кој не ја нарушува посебноста и националниот идентитет, зачувување на суштинското име Македонија и македонскиот јазик со членство во НАТО и со отварање на преговорите со ЕУ, повторно националистичката демагогијата и манипулациите, лажниот патриотски вознес ја однесе државата во лавиринт од кој не се гледа излезот. Ниту пак има некаква визија како да се излезе од овој ќор-сокак.
Стаса и бугарската фактура која легна како мевлем на рана на противниците на припадноста на Македонија кон европското семејство. Има моќни сили на кои воопшто не им одговара членството во ЕУ. Тие не се гласни, ама работат на тоа Македонија да не биде членка на ЕУ. Воопшто не им одговараат европските стандарди, силната конкуренција и правила, особено правото на европското обвинителство да интервенира во земјата.
И Договорот за добрососедство со Бугарија стана предавство на националните интереси, многу поголемо од Договорот со Грција, кој, гледај чудо, почна да ѝ се допаѓа на актуелната власт. Открија дека бил добар, откако ветија дека ќе го поништат.
Патриотите осознаа дека членството во НАТО било значајна работа за што си припишаа и заслуги, иако тврдеа дека тоа е лага и нема да се случи. Веројатно за по 20 до 30 години како што прогнозира премиерот Христијан Мицкоски, додека не стасаат гаранциите од ЕУ, да кажат дека и Договорот со Бугарија бил добар ако дотогаш опстане Македонија.
Колкава е цената што не сме членка на ЕУ
И еве го клучното прашање кое го поставува везден по неколку пати премиерот Мицкоски и неговите медиумски експерти кои не се бават со злоупотребите на власта, туку со жестоки критики на „слабата“ опозиција, која само што не се „распаднала“. Омиленото прашање со кое поентира премиерот и неговите медумски послушници е која е цената што треба да ја платиме за овие компромиси кои се прогласени за предавства. За која цена станува збор. Дали воопшто може да се пресмета цената на времето за изгубените децении и жртвувани генерации граѓани на Македонија. Има ли кантар што може да ја пресмета таа загуба. Настрана фактите за изгубените милијарди евра што ѝ следуваа на Македонија во предпристапните преговори и како членка на ЕУ што можеше да се случи уште пред 20 години ако се имаше малку поголема храброст и повеќе ум.
Договорите не можат да го одземат идентитетот, јазикот и историјата. Тие долги историски процеси на создавање нација не можат да се добијат, ниту да се одземат со одлуки и договори. Во политката нема вечни решенија. Како членка на НАТО и на ЕУ една идна генерација може со леснотија да исправи неправди ако така ги чувствуваат.
Бугарите во македонски устав не е страшило. Со десетте други етнички заедници ќе ја делат одговорноста за иднината на државата. Тоа не е привилегија, туку обврска за лојалност кон татковината за 3.500 македонски Бугари, колку што се изјасниле на последниот попис. Со бугарските пасоши е сосема поинаква вистината. Над 90 отсто од околу 200 илјади пасоши и изјаснувањата за бугарско потекло се од сосема друга природа. Вушност, тоа е билет како да се замине од Македонија, да се најде работа, да се студира, да се прави бизнис. Да бевме членка на ЕУ речиси сите тие пасоши ќе беа досега неважечки. Сѐ додека Македонија не стане членка на ЕУ бројот на бугарските пасоши и изјаснувања за бугарско потекло на Македонците ќе се зголемува.
Ете, затоа изгубеното време е највисоката цена што ја плаќа Македонија со сериозна опасност да се распадне ако тоа не го гледаат нашите визионери. А, можеби тоа е и целта.(nezavisen.mk)






