Филипче до Мицкоски: Никој нема право да го блокира стратешкиот пат на граѓаните зацртан уште од независноста
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во поткастот „Риштази“ упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за запирање на повеќедеценискиот стремеж на државата за членство во ЕУ. Според Филипче, никој нема право да го блокира стратешкиот пат на граѓаните зацртан уште од независноста.

„Како има тој човек право да го запре повеќедеценискиот пат на државата? Од каде му е тоа право? Што си мисли, дека е монарх некој? Па овде живеат 2 милиони луѓе кои што од 1991 година имаат стратешка цел. Кој е Христијан Мицковски да каже не? Каков е тој предавник и на стратешките, и на националните интереси на државата? Од кај му е таа храброст или од кај му е тој политички или морален или било каков легитимитет? Со тие изјави, оваа власт ниту има политички, ниту морален легитимитет повеќе да води оваа држава“, истакна Филипче.
Лидерот на опозицијата додаде дека актуелната власт со своите чекори свесно ја изолира државата и ги ускратува придобивките од европските фондови. Тој потенцираше дека самиот процес на преговори носи видлив напредок во инфраструктурата и стандардот.
„Во тој процес на пристапување кога се одвиваат преговорите, тогаш се менува земјата видливо, ќе стигнат фондовите, ќе почне да се инвестира во инфраструктурата, ќе останат повеќе пари за социјалните сфери, за платите, за пензиите, поради тоа што од структурните фондови во Европа ќе има пари за училишта, за болници, за патишта, за пруги, а не како сега, преку скапи и нетранспарентни кредити“, порача Филипче.





