Филипче негира дека има златна виза за Дубаи

„Едноставно имам виза што ми овозможува да патувам“, рече лидерот на СДСМ

Немам виза поврзана со инвестиции и со недвижнини. Имам само виза што ми овозможува да патувам, рече денеска лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во градежните активности за реконструкција на спортската сала „Работнички“ во Градскиот парк во Скопје, каде присуствуваше заедно со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ преку соопштенија во јавноста прашува на кој начин поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, стигнал до златна виза во Дубаи и дали ваква виза поседува и актуелниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче / Фото: СДСМ

„Немам виза поврзана со инвестиции и со недвижнини. Немам илјадници евра, немам сметки. Немам виза поврзана со милиони, со авиони и камиони. Едноставно имам виза што ми овозможува да патувам“,рече тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера ги повикуваа Филипче и Заев да одговорат колку милиони им се трансакциите кон Дубаи.

„Тандемот Заев и Филипче да каже од каде му се милионските трансакции кон Дубаи. На кој начин ги стекнале тие средства и дали се тоа провизии од зделки и тендери во четири“,посочија од партијата.

Back to top button
Close