Филипче: Преговараме со сите политички партии за соработка на изборите
Лидерот на Социјадемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче не ја исклучува можноста за коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ) и со Арбен Таравари од Алијанса за Албанците на претстојните локални избори.
Одговарајќи на новинарско прашање за можна коалиција меѓу СДСМ и ДУИ и крилото на АА на Таравари, тој рече дека коалицијата од 14 партии е веќе потврдена и се прават заеднички советнички листи според неа. Додаде дека процесот за разговори со други партнери допрва почнува и ќе разговараат со сите политички партии.
„Ќе разговараме со сите политички партии, меѓутоа принципите на коалиција значат дека коалиционите партнери прво треба да се почитуваат, понатаму да се целосно согласни околу програмите кои ќе ги ветиме на граѓаните, односно да ги имплементираме научените лекции од претходните коалиции кои на некој начин го оштетија имиџот на СДСМ“, изјави Филипче
Додаде дека неговата партија е „апсолутно подготвена за каков и да е изборен циклус во претстојниот период“, доколку има и предвремени парламентарни избори.
Не откри конкретни имиња на кандидати за градоначалници затоа што, како што рече, смета дека „не е фер тоа да го прави додека траат внатрепартиските процедури“.
Филипче ги коментираше и последните случувања во владината коалиција, откако Таравари излезе од ВРЕДИ и рече дека е само прашање на време кога таа коалиција ќе се распадне бидејќи како што вели, се покажало дека суштински ништо не ги врзува.
Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека владината коалиција е цврста, стабилна и со големо мнозинство, а последната средба со Таравари беше оценета како конструктивна.
Неодамна министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити и лидерот на Демократското движење од коалицијата Вреди изјави дека очекува Таравари исто како што ја напушти коалицијата „Влен“ за претстојните локални избори, така да ја напушти и Владата и му порача дека „не може и да соработува со ДУИ и да биде дел од Владата“.