Филипче: Пријател на Мицкоски за директор на МТВ е последниот дел од мозаикот на заробена држава
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција остро реагираше на поставувањето на нов директор на Македонска телевизија, оценувајќи дека тоа е „последниот сегмент во мозаикот на заробена држава” што го гради власта на Христијан Мицкоски.

„ Ова е последниот дел од мозаикот на заробена држава во која институциите не им служат на граѓаните, туку на една партија и еден човек. Новиот директор на МТВ е последниот сегмент во тој мозаик. Тотален анонимус, човек без професионален бекграунд не може да го води МТВ. Националниот сервис треба да биде независна институција. Не раководена од човек кој што слепо ќе извршува насоки и директиви од премиерот и дополнително е личен негов пријател. Повторно, ова е нешто што го нема никаде во Европа”, посочи Филипче.
Во своето обраќање, тој го поврза овој потег со поширок систем на партизација и контрола врз институциите, споредувајќи го со периодот до 2016 година.
„Ако целокупниот механизам на владеење е имитација на системот со кој владееше Никола Груевски, кога сите институции беа узурпирани од партиски и блиски луѓе – сега гледаме ист систем. Обвинители, судии, институции – под директен притисок”, рече Филипче.






