Филипче: Првпат една македонска Влада што коспонзорира резолуција, потоа не гласа за неа.Државата ја води без компас

„Последните одлуки и гласањето во Обединетите нации јасно покажаа дека Владата ја води надворешната политика целосно без компас, импулсивно и надвор од јасно утврдените стратешки приoритети“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој на прес конференција се осврна на последните случувања во Обединетите нации.

Наместо да се однесуваме како држава со конзистентна меѓународна политика, нагласи Филипче, Владата делува како залутан играч кој прави екскурзии и без причина ја напушта европската надворешна стратегија.

Филипче предупреди дека, додека поголемите европски држави тактички балансираат помеѓу глобалните сили, Македонија со својата недоследност ризикува да биде маргинализирана од европските политички кругови.

„Со воздржаното гласање за европската резолуција за Украина, нашата земја се најде во несоодветно друштво, заедно со Гана, Бангладеш и Замбија. Сите наши соседи гласаа ‘за’, а земји како Италија и Полска, кои имаат блиски односи со администрацијата на Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така гласаа `за`“, оцени претседателот на СДСМ.

Оваа определба, рече Филипче, го отвора прашањето – што бара Северна Македонија во оваа група и дали сме европска земја или сакаме да останеме во некоја геополитичка изолација.

„Мапата која деновиве се споделува на интернет каде Македонија е сама, изолирана во одлуката многу кажува за тоа како ни стојат работите на планот на меѓународната политика. Со овие хаотични и неразбирливи одлуки, Северна Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Во глобалната политика, каде секој потег има значење, ваквата неодговорност не останува незабележана“, укажа Филипче.

Претседателот на СДСМ оцени дека Владата дополнително ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, но потоа гласаа воздржано.

„Првпат една македонска Влада што коспонзорира резолуција потоа не гласа за неа. Ова покажува дека нема стратегија, нема координација и дека надворешната политика се води со импровизации, врз основа на лични проценки на премиерот“, оцени Филипче.

Ќе беше многу помудро ако Северна Македонија гласаше „за“ и за двете резолуции, рече Филипче и истакна дека тоа ќе беше принципиелна, стабилна позиција, која ќе ја зајакнеше нашата поддршка и кон Европската унија и кон Соединетите Американски Држави.

„Овие резолуции не се косат една со друга, тие се надополнуваат. Франција, Германија, Италија и многу други европски земји гласаа „за“ американската резолуција. Ако веќе сме биле коспонзори, зошто не сме гласале за неа? Ако сме целосно усогласени со европската надворешна политика, како што тврди Мицкоски, зошто гласавме спротивно од сите европски земји?“, потенцираше Филипче на прес конферемцијата. „Одговори на овие прашања воопшто не добивме од Владата туку само добивме еден одговор ‘затоа што премиерот така одлучил’. Гласањето за двете резолуции ќе значеше јасен став дека поддржувам постигнување на мир во Украина за што пократко време“.

Филипче се осврна и на интензивните посети на владините претставници во САД и рече дека СДСМ ги поздравува овие напори за продлабочување на стратешкото партнерство со САД, но дека останува нејасно со која цел се овие посети и што може да очекуваме како исход од нив.

„Освен флоскули како ‘ние сме први во редот’ и ‘ова е новото нормално’ засега не е јасно што Владата побарала и очекува од новата администрација во САД. СДСМ јасно посочи дека е потребно конкретно формализирање на овие напори и нивно преточување во јасни барања кои ќе носат напредок на државата на меѓународен план“, смета Филипче.

Тој потенцираше дека впечатокот од овие девет месеци со Владата на ВМРО-ДПМНЕ е дека многу зборува, а не покажува конректни резултати.

„Никој сѐ уште не слушна каква е таа поддршка и што тоа значи во остварување на целите и интересите на граѓаните“, рече Филипче.

Во завршницата на овој дел од прес конференцијата, претседателот на СДСМ Венко Филипче рече дека Северна Македонија заслужува стабилна, предвидлива и принципиелна надворешна политика.

„Заслужува дипломатија што гради доверба, а не што ја руши. Заслужува јасна визија за своето место во светот. СДСМ останува посветен на европската иднина, на силните сојузништва и на надворешна политика која е доследна, кредибилна и во интерес на граѓаните“, оцени Венко Филипче

Back to top button
Close