Филипче: Сите вакцини се безбедни, би се вакцинирал и со кинеската

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека ќе биде склучен договор за набавка на 200.000 кинески вакцини, а во март се очекуваат вакцините на Астра Зенека. Како што рече, тој би се вакцинирал со било која вакцина која би била достапна кога би дошол неговиот ред, вклучително и со кинеската.

-Немам резерва кон ниту една вакцина, граѓаните треба да бидат уверени дека сите вакцини се безбедни и ефикасни. Се работи за глобален проблем со обезбедување на вакцини, кој го имаат Австрија, Германија и други држави. Ние ќе бидеме меѓу првите земји кои во еден момент ќе обезбедат вакцини за најголем дел од населението – истакна Филипче.

Тој додаде дека периодов често се поставува прашање дали затаил европскиот механизам на солидарност, но, како што нагласи тој, без овој механизам би било многу потешко да се менаџира кризата во подолг период наназад.

Back to top button
Close