Филков: Пред да замине од функцијата, Лога си ги зел документите со препораки од Оценската мисија на ЕУ

Пред да замине од функцијата, ексминистерот за правда Кренар Лога, од кабинетот во Министерството со себе го зел документот со препораки за Судскиот совет изработен од Оценската мисија на Европската комисија.

Ова на денешната прес-конференција го изјави актуелниот министер за правда Игор Филков додавајќи дека во тек е постапка за случајот и оти ќе се бара одговорност. Вели дека и покрај тоа што документот е класифициран, тој бил земен од неговиот претходник, а Министерството за правда повеќе не располага со него.

„Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата. Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеење на правото. Голем предизвик во реализација на оваа активност претставува фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораките од Оценската мисија на Европската комисија по однос на Судскиот совет. Иако документот е класифицирана информација, тој бил земен од мојот претходник, поради што Министерството не располага со истиот“ изјави Филков.

Министерот додаде дека како резултат на тоа, во Правда биле принудени да се потпрат на електронски верзии на дел од документот што ги содржи исклучиво препораките, без соодветните образложенија за нив и официјалниот допис на Европската комисија.

Рече дека функцијата ја презел без примопредавање и со испразнет кабинет од потребната документација.

„Го презедов Министерството на многу невообичаен начин без примопредавање од мојот претходник и целосно испразнет кабинет од потребна документација, но преполн со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, сите во количина од над 200 парчиња и се разбира неплатена фактура од 956 000 денари за добавувачот. Затекнав сериозно испразнети финансиски ресурси, непостоење на евиденција за добивање на користење на мобилни телефони, лаптопи и електрични скутери од страна на мобилниот провајдер, што укажува на персонификација на мојот претходник со институцијата Министерство за правда. Нефункционален возен парк и слободно можам да кажам девастирана функционалност на Министерството“ додаде Филков.

Back to top button
Close