Финансиска полиција: Активно сме вклучени во акцијата за проверка на кабареата, дискотеките и ноќните клубови
Управата за финансиска полиција со сите свои капацитети е активно вклучена во акцијата што отпочна по трагедијата во Кочани, а која треба да утврди дали угостителските објект што функционираат како кабареа, дискотеки и ноќни клубови во земјава работат согласно законските прописи.
„На располагање се ставени сите капацитети на Финансиската полиција за потребите на оваа акција, која има за цел да открие евентуални неправилности и нелегални активности во работењето на овие објекти“,се вели во соопштението од институцијата.
Акцијата во делот на надлежностите на Финансиска, велат оттаму, е фокусирана на утврдување финансиски проневери, избегнување даночни обврски, нелегално работење и други неправилности во финансиското работење на угостителите.
Паралелно со ова, истражните органи се насочени кон откривање на сите аспекти кои можат да резултираат со санкционирање на оние што не ги почитуваат законите и регулативите.
„Во тесна координација сме со сите институции и работиме посветено на целосно отстранување на сите неправилности во насока на обезбедување на почитување на законите и регулативите“,велат од Финансиска.
Еден ден по трагедијата во Кочани во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени, Владата наложи контрола на сите субјекти во државата што се регистрирани како кабареа, дискотеки и ноќни клубови.
На 18 март, портпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција соопшти дека за два дена биле извршени 50 контроли во угостителски објекти што имаат лиценца за работа како кабаре, ноќен клуб, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор.
При увидите, како што кажа Митева, биле приложени 22 лиценци за вршење угостителска дејност кои се со важност и се од целата држава, но имало и 15 лиценци со истечена важност.
Портпаролката, исто така, наведе во Скопје имало 13 објекти од кои само два поседувале важечки лиценци за кабаре, а осум биле со истечени. Останатите три објекти немале никаква лиценца.