ФИТР и УНИЦЕФ го обновуваат партнерството за поддршка на младите при работа на иновативни еко-решенија

Фондот за иновации и технолошки развој и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) потпишаа нов тригодишен Меморандум за разбирање , со цел продолжување на поддршката за младинското социјално претприемништво – преку програмата UPSHIFT – при што младите ќе работат на еко-решенија за предизвиците на животната средина и климатските промени.

Програмата UPSHIFT е подготвена од страна на УНИЦЕФ за да се вклучат млади лица на возраст од 13 до 19 години во осмислување иновативни решенија за социјален проблем што го идентификувале во својата заедница. Целта е да се поттикне иновативно и креативно размислување кај младите, да се сфатат предизвиците со кои се соочуваат и да им се помогне да создаваат иновативни решенија во форма на производ или услуга. Освен тоа, на младите им се дава можност да развијат претприемачки вештини, како што се: управување со проекти, критичко размислување, тимска работа и успешна комуникација, но и да остварат нови пријателства.

„ Се радувам што продолжува нашата повеќегодишна соработка со УНИЦЕФ, бидејќи преку менторската и финансиската поддршка која ја даваме, голем број талентирани деца  веќе се идни успешни претприемачи. Верувам дека вложувањето во млади е влог во генерација која ќе креира суштински и долгорочни промени. Фондот спроведува различни програми за најмладите бидејќи образованието, иновативноста и креативноста се главните предуслови за развој на просперитетна иднина на младите од нашата земја“, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Во следните три години, соработката ќе се фокусира врз предизвиците на социјалните иновации за унапредување на спроведувањето на заложбите за животна средина и клима на ООН и ЕУ, како и на Зелената агенда за Западен Балкан. Ова опфаќа иницијативи во области како декарбонизација, климатски промени, енергија, обновување на еко-системите, одржливи системи за храна, циркуларна економија и други.

„Во својата суштина, климатските промени и деградацијата на животната средина се загрозување на детските права. Тој проблем ги поткопува најосновните права на децата за чист воздух, вода и храна. Сведоци сме дека ова е тема што длабоко ги засега децата и младите. Задоволни сме што ја продолжуваме соработката со Фондот за иновации и технолошки развој, а преку UPSHIFT, на младите им обезбедуваме можности за осмислување решенија на социјални иновации и претприемништво за решавање на климатските промени и заштитата на животната средина во нивната заедница“, рече Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.  Таа додаде дека кога им се дава можност да работат во тим, младите не само што наоѓаат решенија коишто ѝ користат на целата заедница, туку и негуваат развоен начин на размислување, интегритет и етос на јавна одговорност.

Преку обновеното партнерство, ФИТР и УНИЦЕФ ќе организираат и ќе водат неколку циклуси на програмата UPSHIFT, ќе обезбедат поддршка за Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието околу воведување на методологијата UPSHIFT во образовниот систем и ќе ги подготват наставниците да користат испробани практични наставни техники со кои на секој ученик ќе му се помогне да стекне преносливи вештини.

Програмата UPSHIFT комбинира работилници за социјални иновации со менторство, материјали и основни финансиски средства, оспособувајќи ги младите, така што започнува со локален повик за самоформирани групи од 13-19-годишници кои треба да осмислат иновативно решение за социјален проблем што го идентификувале во својата заедница. Панел од претставници на приватниот и јавниот сектор ги избира најдобрите идеи, а тимовите ги води ментор и учествуваат во работилница за осмислување дизајн и развивање на своите идеи. Програмата им носи корист на младите, но и на пошироката заедница преку креираните решенија.

Back to top button
Close