(Фото) Македонија светна во зелено за надеж и нов живот, Клековски: Секој донор е надеж
Објекти во повеќе градови низ Македонија светнаа во зелено по повод Европскиот ден на донирањето органи, ткива и клетки. За иницијативата информираше министерот за здравство Сашо Клековски, кој порача дека зелената боја е симбол на надеж, солидарност и нов живот.

Во објавата, Клековски посочи дека зградата на Владата и објекти во Скопје, Прилеп, Струга, Велес, Тетово, Кавадарци и други градови се приклучиле кон иницијативата.
Тој им оддаде почит на донорите и нивните семејства, на живите дарители, како и на трансплантациските тимови, координаторите и здравствените работници кои учествуваат во сложените медицински интервенции.
„Зад секоја трансплантација стојат луѓе што во најтешкиот момент избрале да помислат на некој друг. Тие ја заслужуваат нашата најголема почит“, порача Клековски.
Министерот им се заблагодари на семејствата на починатите донори, чии одлуки овозможуваат спасување и продолжување на животите на други пациенти, како и на живите дарители кои донирале орган на свои блиски.
Посебна благодарност упати и до медицинските тимови и институциите што се вклучиле во одбележувањето.
Клековски нагласи дека органодарителството започнува со разговор во семејството и ги повика граѓаните отворено да разговараат со своите најблиски за својата одлука за донирање органи.
„Секој донор е надеж. Секое ‘да’ е нов живот“, порача министерот за здравство.






