Французите утре избираат претседател, главната битка ќе се води меѓу Макрон и Ле Пен

Речиси 49 милиони Французи утре ќе излезат на првиот круг од претседателските избори, а според анкетите главната борба, како и на претходните избори во 2017 година, ќе се води меѓу претседателот во заминување, центристот Емануел Макрон и кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен.

Фаворитот во анкетите со месеци, Макрон, кој најдоцна влезе во предизборната кампања, во изминатите недели се соочува со намалување на разликата во однос на Марин Ле Пен, чија победа веќе не е незамислива.

Во првиот круг учествуваат вкупно 12 кандидати, додека аналитичарите проценуваат дека излезноста на гласачите ќе биде помала од вообичаената, бидејќи изборната кампања беше бледа и се одржа во голема сенка на војната во Украина.

На национално ниво, Франција се соочува со целосно поделена левица и слаба десница, па анкетите покажуваат дека Макрон би освоил околу 26 отсто во првиот круг, а Ле Пен околу 22 отсто. Макрон во вториот круг би ја победил Ле Пен со 53 отсто од гласовите, а таа би освоила 47 отсто.

Аналитичарите сметаат дека Ле Пен ја зголемила својата популарност зборувајќи за куповната моќ и грижите на Французите, но и поради падот на популарноста на кандидатот, исто така, на екстремната десница Ерик Земур.

Додека Земур повторуваше антиимиграциски и антиисламски теми, Ле Пен се фокусираше на куповната моќ ветувајќи итни мерки како што е укинувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) за одредени производи.

Во Франција, претседателот се избира со директно гласање, во два круга, доколку ниту еден кандидат не освои мнозинство во првиот круг.

Шефот на државата се избира за мандат од пет години и може да биде реизбран само еднаш.

Вториот круг од изборите е закажан за 24 април.

Back to top button
Close