Фумио Кишида: Руската употреба на нуклеарно оружје би била чин на непријателство кон човештвото

Руската употреба на нуклеарно оружје би претставувала „чин на непријателство против човештвото“, предупреди денеска јапонскиот премиер Фумио Кишида за време на неговата посета на Австралија.

Руското заплашување за можна употреба на нуклеарно оружје „претставува сериозна закана за мирот и безбедноста на меѓународната заедница и е целосно неприфатливо“, рече Кишида, лидер на единствената земја во светот која беше погодена со атомска бомба, во летото 1945 година.

Во мај 2023 година, Кишида треба да биде домаќин на лидерите на Г7 во Хирошима, која беше погодена од американска нуклеарна бомба на 6 август 1945 година, при што загинаа 140.000 луѓе. Три дена подоцна беше нападнат и јапонскиот град Нагасаки.

За јапонскиот премиер тој период од 77 години без прибегнување кон нуклеарно оружје „никогаш не треба да заврши“.

„Ако нуклеарното оружје би се употребило еден ден, тоа би било чин на непријателство кон човештвото… меѓународната заедница никогаш не би одобрила таков чин“, рече тој, опишувајќи го како „длабоко вознемирувачки“ заканувачкиот став на рускиот претседател Владимир Путин.

 

 

 

Back to top button
Close