Гафовите на Бајден и судбината на Путин

Во што е можеби суштинската разлика помеѓу демократијата и автократијата? Војната во Украина тоа одлично ни го демонстрира.

Имено, кога американскиот претседател „ќе откине зелена“ (а тоа го прави неколку пати со личните дисквалификации за Путин и за иднината на неговото владеење во Русија што, без разлика на точноста, не доликува да го изрече претседател на САД, на страна што оди во домашна политичка корист на опонентот), се активираат надлежните американски демократски институции (Стејт Департментот, претседателските советници, медиумите) и го „демантираат“ самиот претседател, со појаснувања, ревидирања и отворени критики за изреченото.

 

Кога, пак, рускиот претседател Путин „ќе откине зелена“ (а „позеленето“ му е целото завојувачко портфолио против Украина, што произведе голема меѓународна трагедија и речиси комплетен пораз на неговите политики, со катастрофални последици и по самата Русија), таму нема ниту кој да му се спротивстави, а не пак јавно да го „поправи“ кремаљскиот автократ.

 

Во демократијата, врвните политичари, па макар и со задоцнување, поднесуваат сметка пред институциите, дури и во оние што директно „ги владеат“. Во автократијата нема институции. Има само неприкосновен лидер кому сите му се плашат и постојат само за да му ги „аминуваат“ и да ги операционализираат неговите одлуки, колку непромислени и да се тие.

Бајден лично го презира Путин. Тоа не може да го сокрие, бидејќи јазикот му е побрз од мислата, наспроти големото меѓународно политичко искуство со кое располага. За таа лична пизма има многу причини и не само заради улогата на Путиновиот режим во американската демократска катастрофа со трауматичното искуството со Трамп, што ги доведе САД на работ од внатрешно-политички хаос со чии последици сѐ уште се справуваат. Сегашниот американски претседател е и со лична амбиција и мисија за консолидација на демократијата во светот, за што токму Путин му „овозможи“ извонредна меѓународна платформа и поттик, благодарејќи на неконтролираната агресија врз својот западен сосед, Украина. Демократската мобилизација што Бајден силно ја поттикна, само тој може силно и да ја загрози, ако во меѓународната заедница неговата суета се надвиси врз обединувачките демократски принципи.

Путин, пак, е опсесивно решен да ја расклати и да ја уништи западната демократија. За него тоа, веќе, не е само прашање за опстанокот на Русија, туку и прашање за негов личен опстанок, бидејќи ваквата Русија е Путин, во потполното средновековно разбирање на Луј XIV. Додека тоа беше некаков „рационален“ идеолошки концепт, натпреварот се одвиваше низ вообичаените меѓународни канали за конфронтација: енергетски уценувања, разузнавачки подметнувања, пропагандни натпревари, воено-индустриски надмудрувања, прокси-конфликти и пазарења „од дистанца“. Но, по очигледниот воен дебакл во Украина, потврден и со неочекуваните руски најави (додуша, сѐ уште се само најави) во преговорите во Истанбул за дефанзивно редефинирање на пропаднатите руските агресивни планови на украинските боишта, за Путин резултатите од неговиот неуспех му „чукаат“ на самата врата од неговиот претседателски кабинет. И нему, а и на престрашените лакеи околу него, му е јасно дека годинешнава московска воена парада за 9-ти Мај може да му биде последна на која ќе ѝ мавта од претседателската ложа.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close