Гаши бил по невеста во Косово поради обичаите, но морал со службени автомобили и обезбедување, велат од „Вреди

Не гледам ништо лошо во свадбените обичаи на еден народ, рече портпаролот на владејачката коалиција „Вреди“, Фари Исени, откако денеска му беше поставено прашањето – дали претседателот на Собранието, Африм Гаши, морал со службени возила и обезбедување да оди во колона заедно со други приватни возила по невеста во Косово.

Портпаролот на „Вреди“ рече дека нема информации дали на колоната на Гаши ѝ се придружиле и приватни возила, но смета дека формирањето колона возила што одат по невестата е дел од свадбените обичаите.

 

„Ваквите ситуации во кои редица возила одат по невестата е дел од обичаите што на секоја свадба, албанска или македонска, се спроведуваат. Не гледам нешто лошо да се спроведе конкретен обичај на еден народ“,рече Исени.

Според „Вреди“, собранискиот спикер Гаши нема избор и мора секаде да оди со службено обезбедување.

„Станува збор за второ лице на државата. Законските прописи го регулираат тој момент. Претседателот на Собранието, каде и да отиде, неопходно е да биде во придружба на обезбедувањето. Така што и во конкретниот случај самата постапка не е надвор од законските и е во хармонија со тој стандард“,тврди Исени.

На прашањето дали Гаши за одењето по невеста имал патен налог и што пишува во него, Исени одговори дека тоа не е нивна одговорност.

Дали Гаши носел патен налог за да може со службено возило да оди по невеста надвор од државата, прашуваат од ЛДП

„Ние сме политичка партија и мислам дека не може да земеме одговорност дали користел патен налог или не. Тука е МВР како надлежна институција да го истражи целиот настан и да се докаже дали тоа е точно. Ние застануваме на соопштението што кабинетот на претседателот вчера го објави за медиумите, така што не можеме ние како политичка партија да бараме одговорност дали претседателот на Собранието користи патен налог или не. Штом јавно тоа го кажуваат преку соопштение, ако тоа не би било точно, тогаш има последици за истото“,рече тој.

Од „Вреди“ потенцираат и дека не само службено обезбедување туку на Гаши законски му следува и службено возило велејќи дека тоа му следува како втор човек на државата.

Во „Вреди“ тврдат и дека преминувањето на границата без запирање е дел од протоколите.

„Преминувањето граничен премин исто така е предвидено според безбедносните мерки – претседател на Собрание, високи државни лица, можат да поминат беспрекорно и да не бидат застанати на ред со други возила“,велат од „Вреди“.

Додаваат дека по 22 години режим на ДУИ, јасно им е дека граѓаните имаат високи очекувања од новата власт, но сметаат дека ваквите ситуации во минатото не биле ниту дискутирани, а денеска се клучна тема во медиумите.

По неколкуте скандали во кои беше инволвиран собранискиот спикер Африм Гаши, новинарите го прашаа портпаролот Исени – дали во „Вреди“ се задоволни со работата на Гаши.

„Апсолутно сме задоволни од неговото постапување и неговото раководење со функцијата прв човек на Собранието. Имајќи предвид какви претседатели во минатото имала нашата држава, Гаши е човек со дигнитет, достоинство, принципи и морал и сметам дека функцијата ја извршува на највисок можен начин“,заврши тој.

Back to top button
Close