Гаши: Европскиот пат не зависи само од Брисел, туку пред сè од нашата лична и општествена заложба

Иднината на земјата и нејзиниот европски пат не зависат само од Брисел, туку пред сѐ од личната и општествената заложба на секој граѓанин. Ова е пораката што претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја упати на одбележувањето на Денот на Европа.

Гаши ги повика сите што имаат влијание во општеството да размислат за Европа како сплет на систем на вредности и да ја разделат од Европската Унија како интеграција.

„Ако секој би почнал од себе, од своето работно место, своето семејство, од местото каде што дејствува и ги негуваме овие вредности, јас сум убеден дека ќе го постигнеме она што го посакуваме“,

рече спикерот Гаши.
Претседателот на Собранието потсети дека државата направила големи компромиси, но дека главните европски рамки не го валоризирале тоа.

„Во 2018 година го сменивме името на државата, денеска се викаме Република Северна Македонија. За жал, главните европски рамки не успеаја да го валоризираат ова. Денес имаме земји што се пред нас – Црна Гора и Албанија, а ние уште чекаме да ги отвориме поглавјата“, посочи тој.
Гаши истакна дека суштината на демократијата е секогаш да постојат алтернативи, но дека патот кон ЕУ останува најдобриот избор.

„Неколкупати во нашиот јавен простор ја слушаме фразата дека немаме друга алтернатива, освен Европа, но мораме да се вратиме на суштината на демократијата, нема демократија без алтернатива. Да можеме да кажеме дека немаме подобра алтернатива од Европа, што и да споредиме овој пат за нашата држава, е неприкосновено најдобриот пат по кој треба да одиме“,

рече Гаши.
Тој нагласи дека се потребни итни и радикални чекори за да се задржат новите генерации.

„Ако не ги направиме сите овие работи што ги кажав, повеќето во оваа сала, кои се помлади, за некоја година нема да бидат тука. Јас сум убеден, сега да отидеме на автобуска станица или на аеродром во Европа, ќе најдеме многу млади што веќе чекирале билет за Берлин… Ако не направиме нешто радикално, сега, секој од нас, младите ќе продолжат да си одат“,додаде тој.

На настанот се обратија и домашни и странски панелисти кои ја нагласија историската и стратегиската важност на европскиот концепт:

Милева Ѓуровска, претседателка на Европско движење во Македонија, нагласи дека Европската заедница овозможи повеќе од седум децении мир и просперитет останувајќи најголемиот мировен проект во историјата.

„Европа не е само географија, туку простор што секојдневно го избираме како наша дестинација и како вредност со која сакаме да живееме“,рече таа.

Даниел Браун, официјален претставник на фондацијата „Конрад Аденауер“, предупреди на предизвиците со кои се соочува целиот континент, вклучително и војната во Украина.

Тој истакна дека и покрај различните интереси на земјите членки, целта е иста – заштита од закани и подобар живот.

„Убеден сум дека оваа земја ќе ја постигне целта ако работиме заедно на тоа“, кажа Браун.

Петер Хафеле, директор на Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“, рече дека процесот на проширувањето не смее да се гледа само како технички процес, туку дека претставува прашање за безбедноста, отпорноста и кредибилноста.

Back to top button
Close