Германско МНР: Историјата нека им остане на историчарите

Германското Министерство за надворешни работи одбива директно да го коментира бугарскиот меморандум за преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Димитров вели дека јазикот не е прашање на било чие признавање.

„Формулата на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, според која историјата треба да им се остави на историчарите, останува валидна”, одговараат од германското министерство за надворешни работи на прашањето на Дојче веле за коментар на бугарскиот меморандум. Одговорот е всушност упатување на интервју на директорката на одделението за Западен Балкан во германското МНР, Сузане Шулц за Балкан Инсајт од август годинава.
„Обете земји треба да ги решаваат отворените прашања во рамките на билатералниот договор, односно во комисијата на историчарите“, вели Шулц. Таа очекува дека претстојното ко-претседателство на двете земји со Берлинскиот процес ќе биде уште една можност да се надминат билатералните недоразбирања.
Германската амбасадорка во Северна Македонија, Анке Холштајн денеска во интервју за Радио Слободна Европа порача дека, според мислењето на нејзината но и на други земји-членки на ЕУ, „билатералните спорови не треба да се ставаат во преговарачката рамка“.
„Билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално“, вели Холштајн.

Во интервју за германското радио Дојчландфунк, вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров вели дека е невозможно воопшто да се преговара за македонскиот јазик. Во меморандумот, како и претходно, Бугарија инсистира дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и бара тој посебно да се одбележи во сите документи на ЕУ.
„Македонскиот јазик е наше прашање и не треба да биде прашање на признавање од било која друга земја. Не во Европа во 21 век. Пријателството мора да биде базирано врз признавање на правото на самоопределување на денешните генерации, но исто така и на хероите од минатото кои се важни и за Бугарија и за нас“, вели Димитров за Дојчландфунк и додава дека е невозможно некој да го спори правото на самоизразување и самоопределување.
„Правото да се изразите на својот јазик значи самоопределување. Македонскиот јазик е во центарот на она што сме. Тој е камен-темелник на нашиот идентитет“.

Back to top button
Close