Глобалната левица, Хамас и Израел

Зошто европската левица се подели околу нападот на Хамас на Израел и бестијалните убиства на невини цивили? Прогресивните Израелци се шокирани од тоа како ги напуштија нивните европски колеги. Пишува Љупчо Поповски

Бестијалниот напад на Хамас од 7 октомври, страдањата на Израелците, а потоа и страдањата на Палестинците во Газа ја ставија на голем испит глобалната левица во светот. Таа во најголема мерка, со децении наназад, е повеќе наклонета кон Палестинците, но сега таа не може да се справи со искушенијата како да го конципира својот став кон нападот на Хамас, убивањето на невини цивили, земањето заложници и очекуваниот одговор на Израел. Најголемиот дел од таа левица не се осмели да го осуди нападот на Хамас, но протестира против израелското бомбардирање на Газа и страдањата на палестинските цивили. Тоа предизвика неверување во демократските сили во Израел, кои со децении се поврзуваат со европската левица и во неа ја гледаат инспирацијата за своите политики.

Ова не е натпревар на херои и негативци – туку два народа во длабока болка, предодредени од судбината да ја делат истата земја, а под целиот ужас стојат две праведни каузи, напиша колумнистот на „Гардијан“ Џонатан Фридленд, што изгледа многу точно. Во средата, на натпреварот против Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите, навивачите на Селтик во Глазгов вееја илјадници палестински знамиња, изразувајќи ја долгогодишната солидарност која стана дел од идентитетот на клубот. Таа солидарност стана дури и ирационална и нехумана: на натпревар од шкотската лига натпревар попладнето на 7 октомври, неколку часа откако милитантите на Хамас го започнаа масакрот врз цивилите во јужен Израел и додека убиствата на семејствата во нивните домови сè уште беа во тек, група навивачи на Селтик вееја палестински знамиња и развија транспарент на кого пишуваше: „Победа на отпорот!“

Може ли овој крвав конфликт да се претстави како натпревар во кој може да навивате за еден тим и да ја славите неговата „победа“?

Пред некој ден лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, полемично ѝ се обрати на глобалната левица прашувајќи: „Колку Евреи треба да умрат пред да престанете да нѐ обвинувате за сѐ што се случува? Уште колку (мртви) ви требаат? 10 илјади? 6 милиони?“ напиша израелскиот политичар, додавајќи: „Да, точно. Се осврнав на Холокаустот. Не сум тактичен, знам. Ние Евреите секогаш го правиме ова, нели? (Евреите) го спомнуваат Холокаустот за да можат самите да се жртвуваат“.

Произраелска демонстрација во Њујорк, САД, 19.10.2023 3Фотографија: Jorge Estrellado/TheNEWS2/IMAGO

Осуда за Израел, но не и за Хамас

Европските левичарски партии и во деновите по нападот на Хамас и за време на блокадата и бомбардирањето на Газа избегнуваа да го осудат дивеењето на терористичката група и генерално вината ја насочија кон Израел.

Во Шпанија, радикалните левичари од Подемос, која сега е дел од левичарската партија Сумар и учествува во владата, официјално изјавија: „Ситуацијата на насилство и смрт во Израел и Палестина е плод на окупацијата и апартхејдот. Единствениот начин да се стави крај на конфликтот е да се стави крај на неказнивоста на Израел и да се почитува палестинското право на самоопределување”.

Во Грција, поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис ја нарече Газа „најголемиот затвор на отворено во светот“, а Израел „држава на апартхејдот“.

„Апартхејдот, без разлика дали се практикува во Јужна Африка, или во Палестина или Израел, секогаш ќе предизвикува насилство, бидејќи тоа е насилен, мизантропски систем“, рече тој во интервју постирано на Твитер.

Грчката комунистичка партија соопшти дека Палестинците „имаат право да се борат против долгорочната окупација“.

Левицата во две големи европски држави – Велика Британија и Франција – е особено погодена од овој крвав развој на конфликтот и повеќе се однесува изгубено отколку стратешки. Не само поради тоа што во двете држави има голема муслиманска популација, туку и затоа што на овој или оној начин антисемитизмот таму е добро вкоренет.

Кир Стармер, лидерот на британските лабуристи, на крилата од водството во анкетите од дури 18 отсто пред владејачките конзервативци и големите победи на неколкуте дополнителни избори, се најде во сериозна непријатност како ќе се постави неговата партија по нападот на Хамас. Лично тој имаше унисоно мислење како и премиерот Риши Сунак во осудата на Хамас, но партиските редови, каде вирее антисемитизмот, емитуваа други сигнали.

Проблемите на британските лабуристи

Како што нападот на Израел на Газа се интензивира, Стармер се соочува со зголемени повици од членовите на партијата и пратениците да заземе поцврста линија и да бара прекин на огнот. Одбивањето на Стармер да го стори тоа предизвикува расправии во партијата што ретко се гледаше во неговите три и пол години како лидер. Претходниот лидер на лабуристите, Џереми Корбин, беше обвинуван за антисемитизам и постојано се повторуваше неговата изјава во која тој членовите на Хамас ги нарече „пријатели“. Враќањето на уништената репутација на лабуристите кај еврејската заедница беше еден од главните приоритети на Стармер како лидер.

Но, проблемот за него е што лабуристите традиционално ја привлекуваат поддршката на голем број британски муслимани – и немуслимани кои се во сојуз со палестинската кауза. Тие бараат партијата да изрази поголема поддршка за Палестинците во Газа. И тоа создаде огромен проблем за Стармер. Особено кога во едно радио интервју тој изјави дека Израел има право да ја прекине водата и струјата за Газа (подоцна се поправаше дека бил погрешно интерпретиран).

Пропалестинска демонстрација во Лондон, Велика Британија, 21 октомври 2023
Про-палестинска демонстрација во Лондон, Велика Британија, 21 октомври 2023 Фотографија: Velar Grant/ZUMAPRESS/picture alliance

Активистите и поддржувачите на лабуристите интензивно лобираат кај своите пратеници да го осудат Израел. Оние политичари кои го претставуваат големото муслиманско население се под особен притисок. Повеќе од 20 британски муслимански локални советници веќе ја напуштија Лабуристичката партија поради нејзиниот став за кризата. Стармер се обиде да ја ублажи кризата во своите редови велејќи дека хуманитарната помош за Газа е „целосно недоволна“ и повика итно да се крене рампата на граничниот премин кај Рафа. Како што помошта за Палестинците во Газа е недоволна, така и изјавата на Стармер да ги смири партиските редови беше недоволна.

Во Франција, иконата на радикалната левица, Жан-Лук Меланшон (кој за малку не влезе во вториот круг на ланските претседателски избори) одамна одбива да го нарече Хамас терористичка група. Како и другите проминентни членови на неговата партија Непокорна Франција (ЛФИ).

Во првичното коминике на ЛФИ на 7 октомври се користеше јазикот на Хамас и партијата го нарече нападот „вооружена офанзива на палестинските сили“ што дојде „во контекст на интензивирањето на политиката на окупација на Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим од страна на Израел“.

Кога критиките експлодираа, Меланшон го ублажи речникот, иако неговата заменичка во партијата го нарече Хамас „движење на отпорот“ и тоа неколку дена откако деталите за масакрот станаа широко достапни. По големиот пропалестински митинг во Париз минатиот викенд, Меланшон објави слика од толпата со зборовите „Ова е Франција“, пред да го обвини претседателот на националното собрание дека „кампува“ во Тел Авив за да „охрабри масакр“ во Газа. Се разбира, Меланшон ги отфрла обвнувањата дека е антисемит.

Левата колација Нупес, во која е партијата на Меланшон, социјалистите и зелените, води во анкетите за европските избори следната година. Но по ваквите изјави на Меланшон, кои остро ги осудија социјалистите, особено градоначалничката на Париз Ана Идалго, прашање е дали оваа коалиција ќе опстане.

„Морална бесчувствителност и политичка непромисленост“

Прогресивните сили во Израел беа целосно изненадени од ваквите позиции од голем дел на партиите на европската левица, затоа што во нив гледаат природни сојузници во драматичниот чекор на државата во десно.

Во заедничка изјава 75 академици со седиште во Израел, писатели, професори, мисловни лидери и прогресивните активисти посветени на мирот, еднаквоста, правдата и човековите права, рекоа дека се „длабоко болни и шокирани од неодамнешните настани во нашиот регион. Ние сме, исто така, длабоко загрижени од неадекватниот одговор на одредени американски и европски прогресивци во врска со таргетирањето на израелските цивили од страна на Хамас, одговор што одразува вознемирувачки тренд во политичката култура на глобалната левица“.

Потсетувајќи на  нападот на Хамас и дека одговорот на државата Израел бил очекуван,  тие го напишаа и ова: „Овој циклус на агресија сериозно ја поткопува нашата долгогодишна борба против угнетувањето и насилството и во потрага по целосни права и еднаквост за сите жители на Израел и Палестина. Во овој момент, повеќе од кога било, потребна ни е поддршка и солидарност од глобалната левица, во форма на недвосмислен повик против неселективно насилство врз цивилите од двете страни.

Заложниците киднапирани во Израел од радикално исламистистичката организација Хамас
Ѕид во Тел Авив покриен со фотографии на заложниците киднапирани во Израел од радикално исламистистичката организација Хамас Фотографија: Gili Yaari/NurPhoto/picture alliance

Многу од нашите колеги ширум светот изразија силно противење на  нападот на Хамас  и понудија недвосмислена поддршка за неговите жртви. Истакнати гласови во арапскиот свет, исто така, јасно ставија до знаење дека нема оправдување за садистичко убиство на невини луѓе. Меѓутоа, на наше вознемирување, некои елементи во глобалната левица, поединци кои досега беа наши политички партнери, реагираа со рамнодушност на овие ужасни настани, а понекогаш дури и ги оправдуваа постапките на Хамас. Некои одбија да го осудат насилството. Други ги минимизираа страдањата и траумите, тврдејќи дека израелското општество ја донесе оваа трагедија врз себе.

Оваа низа одговори нѐ изненади. Никогаш не замислувавме дека поединци од левицата, поборници за еднаквост, слобода, правда и благосостојба, ќе откријат таква крајна морална бесчувствителност и политичка непромисленост. Да бидеме јасни: Хамас е теократска и репресивна организација која жестоко се спротивставува на обидот за промовирање мир и еднаквост на Блискиот Исток. Нејзините суштински заложби се фундаментално неконзистентни со прогресивните принципи, и затоа склоноста на одредени левичари да реагираат афирмативно на нејзините постапки е крајно апсурдна. Покрај тоа, нема оправдување за пукање на цивили во нивните домови; нема рационализација за убиство на деца пред нивните родители. Легитимизирањето или оправдувањето на овие постапки е предавство на основните принципи на левичарската политика“.

Цитираме поголем дел од оваа изјава затоа што изгледа дека трагичните настани кинат многу врски меѓу левичарите и прогресивците.

Објаснувањата за однесувањето на левицата во Европа (слично е однесувањето и на многу прогресивци во САД – над 30 студентски здруженија на Харвард изразија целосна поддршка на Палестинците и по масакрот што го направи Хамас) не се едноставни. Славниот израелски историчар Јувал Ноа Хараи (автор на бестселерите „Сапиенс“ и „Хомо деус “), кој е жесток критичар на десничарските влади во Израел, ги поддржа потписниците на изјавата, рече дека е „комплетно уништен“ и се „чувствува напуштен и предаден од претпоставените сојузници“.

Тој укажа на соопштението на Демократските социјалисти на Америка на денот на нападите на Хамас во кое се вели: „Денешните настани се директен резултат на режимот на апартхејдот на Израел“.

Давајќи го историскиот пример на некои американски и европски социјалисти кои го поддржуваа Сталин, тој рече: „Ова не е прв пат радикалната левица, во потрага по одредена фиксна визија за правдата, да се најде усогласена со некои многу брутални движења и режими“.

Тој пристап може да се заснова во „верувањето или фантазијата дека апсолутната правда е можна (каде) едната страна е апсолутно виновна за сè, вклучително и за злосторствата на другата страна“.

„(Но) реалноста е сложена“, рече тој. „Исти луѓе можат да бидат жртви и сторители во исто време. Во повеќето конфликти вината за злосторствата и злосторствата не се дели 100%/0%, туку некаде помеѓу. Ова е прилично банално, но сепак на луѓето им е тешко да го прифатат ова“.

Back to top button
Close