Гневот на семејствата од Кочани може да ескалира, а судска постапка со 68 обвинети може да има 68.000 проблеми, алармира Туфегџиќ

Адвокатот и екссудија, Владимир Туфегџиќ, алармира дека очајот и гневот на семејствата на настраданите, лесно може да ескалира и работите да излезат од контрола. Тој посочува дека треба да им се објасни сѐ во однос на постапката, да ја знаат реалноста и да знаат што да очекуваат. Според него, постапката со 68 осомничени е проблематична сама по себе.

„Протестите на семејствата на настраданите во Кочани говорат за очајот и гневот на овие луѓе кој може многу лесно да ескалира и работите да излезат од контрола. На овие луѓе им е потребна институционална помош и потребно е веднаш да се мобилизираат организации кои се стручни за работа со жртвите од вакви и слични трагедии, доколку воопшто имаме вакви организации. Јавното обвинителство и полицијата мораат да им ја кажат реалноста и очекувањата на оштетените за да не се создава нереална слика по однос на законските можности за постапување, оштетените се странка во постапката и имаш обврска кон нив. Од секогаш сум бил поборник веднаш да ја кажеш вистината колку и да е неприфатлива и болна, подобро е на луѓето сега да им се каже дека вака унифицирано поставена равенка на одговорност по хоризонтала и вертикала како кривично дело Тешки дела против општата сигурност со 68 осомничен е проблематично самото по себе, подобро е на луѓето сега да им кажеш дека пожарот, причините и последиците од пожарот се една работа, а институционалните пропусти од 2012 година до денес и легалноста на објектот, се сосема друга правна работа, подобро е сега да им кажеш дека во судска постапка со 68 обвинети очекуваш 68 илјади проблеми и дека обвинетите имаат право на одбрана и ќе се бранат со сите законски дозволени сретства“, вели Туфегџиќ.

Тој додава: „Подобро е на оштетените сега се да им се каже за да не се дојде во ситуација догодина во ова време кога со протести ќе се бара брза правда, а ти не можеш да ја испорачаш, да се префрла топката полиција – обвинителство – суд и обратно, тогаш ќе биде касно било што да се каже“.

Back to top button
Close