Голем број земји и меѓународни организации испраќаат хуманитарна помош во Мјанмар

 

Голем број земји почнаа да испраќаат хуманитарна помош во Мјанмар и Тајланд по силниот земјотрес од 7,7 степени според Рихтер, што завчера ја потресе Југоисточна Азија, јавија светските агенции.

Испораките на храна, лекови и други производи веќе стигнаа до Мјанмар. Сепак, Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања вчера извести дека спасувачките напори се попречени поради сериозен недостиг на медицински материјали, вклучувајќи комплети за лекување траума, анестетици, помошни средства, основни лекови и шатори…

„Стравуваме дека може да поминат неколку недели пред да го дознаеме целосниот обем на уништувањето предизвикано од овој земјотрес“, рече Мохамед Ријас, директор на невладината организација Меѓународен комитет за спасување во Мјанмар.

Се очекува денеска конвој од 17 кинески камиони со основни материјали за засолништа и медицински материјали да стигне во Мандалеј. Кина соопшти дека испратила над 135 спасувачи и експерти, како и материјали како медицински комплети, детектори за земјотреси, дронови и друга опрема, а истовремено вети итна помош од околу 13 милиони евра.

Хонг Конг вчера испрати спасувачки тим од 51 лице, вклучувајќи пожарникари и работници на Итната помош. Хонг Конг, исто така, обезбеди опрема за спасување, вклучувајќи детектори за живот и автоматски систем со антена за сателитско следење.

Руското Министерство за вонредни состојби соопшти дека испратило 120 спасувачи и материјали во Јангон, најнаселениот град во Мјанмар. Дополнително, руското Министерство за здравство соопшти дека Москва испратила медицински тим со специјалисти за заразни болести, реанимација, трауматологија, психолог, како и тимови за пребарување и спасување со кучиња и уреди кои можат да пребаруваат низ урнатините на длабочина до 4,5 метри.

Два индиски воени транспортни авиони Ц-17 слетаа вчера во Мјанмар со опрема за теренска болница и спасувачки тим од околу 120 луѓе.

Малезија соопшти дека ќе испрати 50 спасувачи за да помогнат во идентификувањето и обезбедувањето помош на најтешко погодените области.

Јужна Кореја најави дека ќе обезбеди хуманитарна помош во вредност од околу два милиони долари преку меѓународните организации.

Европската комисија завчера вети дека ќе одвои 2,5 милиони евра за итна помош за ублажување на последиците од земјотресот.

Ирска вчера објави дека ќе обезбеди пакет помош од шест милиони евра.

Претседателот Доналд Трамп завчера рече дека САД ќе му помогнат на Мјанмар, но некои експерти изразија загриженост поради големите кратења на странската помош преземени од неговата администрација.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања соопшти дека соработува со други организации и дека од Централниот фонд за одговор при итни случаи се обезбедени повеќе од 4,6 милиони евра за „животоспасувачка помош“.

Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина одвои над два милиони евра за поддршка на работата на организацијата во Мјанмар.

Back to top button
Close