Горење“ ја затвора фабриката! Словенечкиот гигант попушти под „ценовен притисок“, еве што ќе се случи со работниците


Словенечкиот производител на апарати за домаќинство „Горење“ денеска најави дека следната година ќе го затвори погонот за производство на компоненти за фрижидери во Рогатец и изјави дека тамошната фабрика повеќе не е конкурентна.

Фрижидери и замрзнувачи за кои фабриката во Рогатец произведува компоненти со години се произведуваат во друга фабрика на компанијата Горење во Ваљево, пренесува СТА.

„Ние сме под голем ценовен притисок во производството на апарати за домаќинство, па по затворањето на фабриката во Рогатец, компонентите ќе ги набавуваме од надворешни добавувачи“, додаваат од „Горење“.

Компанијата има 120 вработени во Рогатец, а ќе им биде понудено да работат во главниот производствен центар во градот Велење.

Работниците кои ќе се одлучат да работат во Велење можат да сметаат на посебен бонус на плата и организиран автобуски превоз меѓу двете локации, додека вработените кои нема да ја прифатат оваа опција ќе добијат отпремнина.

Производството во фабриката во Рогатец ќе биде значително намалено до крајот на 2024 година, додека целосно затворање се најавува за август 2025 година.

Од 2018 година „Горење“ е во сопственост на кинеската компанија Хисенсе, која има три производствени погони во Словенија – Велење, Шоштањ и Рогатец, како и фабрика во Ваљево и уште еден производствен погон во Чешка.

Back to top button
Close