Граѓаните затечени од укинувањето на владините мерки, бараат продолжување

Досегашните корисници на владините мерки со кои се ослободуваа од работа родителите на мали деца поради пандемијата, а кои Владата денеска ги укина, на социјалните мрежи го изразуваат својот револт од одлуката, за која велат дека е ненадејна и непромислена, а може да се прочитаат и повици за протести и граѓанска непослушност.

Владата на денешната седница одлучи да се укине мерката со која на родилките кои користеа породилно отсуство кое завршуваше во месеците од кога трае пандемијата, тоа да им биде продолжено. Сите мајки кои ја користеа оваа мерка мораат да се вратат на работа на 23 септември, соопштија од „Илинденска“.

Во исто време, Владата одлучи и на работа да се вратат сите родители кои беа ослободени со владините мерки, за кои исто така важи 23 септември како прв ден на кој мораат да се вратат на работа. Истото важи и за хронично болните кои беа ослободени од работа, а кои немаат потврда од специјалист дека состојбата им се влошува.

Родителите главно реагираат затоа што, според нив, тие тешко ќе се снајдат со згрижување на децата во толку краток рок, особено што во градинките, кои почнаа со работа согласно нови протоколи и со почитување на заштитни мерки, нема доволно места за сите деца.

„Враќање на работа на родилките кој користат продолжено породилно, градинките затворени и не примаат нови деца… – Шизофренија на нивоу!!!,“ реагира еден родител.

„Како може да си играте така со најмилите, како ќе седи тоа дете од 5 и пол, шест години само дома, кој ќе го пази? Или имаме по 1.500 евра плата, па можеме жени да платиме да ни ги чуваат кога ќе се вратат од школо?,“ коментира корисничка на Фејсбук.

„Навистина ‘мислите’ на сите, и на тие што ќе одат на работа и ќе се вратат кај постари луѓе… и на оние кај што децата по цел ден ќе бидат дома незгрижени. Браво, го прифаќате шведскиот пристап, ама ова не е Шведска, туку земја без средено здравство,“ пишува една граѓанка на Фејсбук.

Група мајки кои досега ја користеа владината мерка за продолжено породилно отсуство, поттикнати од владината одлука за укинување на оваа поволност, покренаа петиција до Комисијата за заразни болести за продолжување на породилното отсуство до 31 декември. Во петицијата се вели:

„Бараме да се продолжи породилното отсуство до крај на 2020 година за сите родилки на кои им истекува пред тоа. Со оглед на големиот број прашалници во однос на ситуацијата со Ковид – 19 вирусот на есен, а во однос на заштита на нашите најмали и најранливи, бараме да се донесе ваква мерка,“ велат мајките, кои попладнево ги преплавија страниците на надлежните на социјалните мрежи со барањето.

Тие укажуваат и на случаите на заболени од Ковид-19 во градинката во Битола, аргументирајќи дека запишувањето на децата во градинка во вакви услови не е безбедно, а надлежните ги немаат обезбедено сите услови за работа на градинките во вакви услови.

Владата денеска исто така го задолжи Министерството за труд и социјална политика да испрати писмено укажување до сите детски градинки да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа.

Владата на денешната седница го прифати Предлогот за изменување на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца и тоа: воспитните групи за деца до двегодишна возраст да имаат максимум по 12 деца и двајца вработени во смена.

извор: а1он

Back to top button
Close