Град под град: Зошто фабриката Азовстал е неосвоива тврдина?

Иако руските сили ја презедоа речиси целосната контрола врз пристанишниот град Мариупол во јужна Украина, украинската армија се уште е стационирана во железарницата „Азовстал“, која останува последното упориште на вооружените сили на Украина во градот.

И покрај тоа што проруските власти од Донбас во вторникот изјавија дека војниците од Доњецк и Луганск со помош на руската армија извршиле напад на „Азовстал“, освојувањето на овој дел од градот од страна на Русите е голем проблем.

Руската војска денеска информираше дека е подготвена во секој момент да го испочитува примиерјето во целиот или во дел од индустрискиот комплекс Азовстал, каде што се наоѓаат последните украински бранители на Мариупол.

„Хуманитарното примирје ќе започне кога украинските вооружени сили ќе истакнат бели знамиња на целиот или на дел од Азовстал“, соопшти руската армија.

Покрај големиот број украински војници, припадниците на територијалната одбрана и пред се баталјонот „Азов“ и странските платеници кои се наоѓаат во фабричкиот кварт, голем проблем за руската армија е „конфигурацијата на теренот“ и бројните тунели под фабриката, во кои се сместени украинските војници.

„Фабриката Азовстал, во која се сместени украинските војници, се состои од огромен индустриски комплекс од дебели бетонски ѕидови, челични порти и армирани подземни ровови. Во суштина тоа е град под град“, пишува „Њујорк Тајмс“.

Новинарот на „Дејли мејл“, Џон Лосон објави фотографија на која се гледаат бројни тунели под фабриката, кои биле изградени во периодот на Студената војна кога постоела голема закана од нуклеарен конфликт меѓу Советскиот Сојуз и САД.

Според фотографијата, тунелите се простираат шест ката под земја, а можат да примат речиси 40.000 луѓе во случај на нуклеарен напад. Кога станува збор за просторот на самата фабрика, во него има бројни магацини, електрани и оџаци кои исто така обезбедуваат заштита на украинските војници.

Имајќи ја предвид локацијата на тунелите, експертите проценуваат дека е речиси невозможно да се пробијат со бомбардирање, а се претпоставува дека руските војници ќе мора да користат специјални техники за да ги закопаат тунелите или евентуално да ги принудат војниците да излезат.

Освен што е исклучително тешко да се стигне до тунелите, тие нудат и можност украинските војници да продолжат да ги напаѓаат руските воени трупи лоцирани во градот.

Пространите тунели им овозможуваат на бригадите да излезат на површината и да извршат герилски напади врз руските војници, а потоа брзо да се засолнат во комплексот – се вели во извештајот.

На крајот, се наведува дека системот на тунели е сличен на лавиринт што им предизвикува дополнителен проблем на руските сили.

„Се верува дека во системот на тунели се стационирани околу 1.500 украински војници. Веројатно, единствениот начин руската армија да го „исчисти“ овој дел е употребата на хемиско оружје“, се наведува во извештајот.

 

 

Back to top button
Close