Грчка пратеничка од Сириза побара ратификување на трите меморандуми за соработка со Македонија
Пратеничката од редовите на Сириза Ирини Дуру вчера од парламентарната говорница упати прашање до грчкиот министер за надворешни работи дали грчката влада има намера да ги меморандумите за соработка со Северна Македонија.

-Повеќе од 4 години, под единствена одговорност на владата на Мицотакис, се чека на ратификација од Собранието на трите меморандуми за соработка меѓу нашата земја и Северна Македонија, во рамките на историскиот договор од Преспа. Истовремено, Владата не го контролира и следи спроведувањето на Договорот од Преспа како што треба. Меѓу другото, нема обезбедено промена на учебниците во Северна Македонија како што е договорено на билатерално ниво од јуни 2019 година, но и почитување на распоредот за промена на патните исправи и табличките на автомобилите до 12 февруари 2024 година. Резултатот од сето ова, во комбинација со 4 години не свикувањето на Врховниот совет за соработка (како што е предвидено со Договорот од Преспа) и непотпишувањето нови билатерални договори, остава простор за непочитување на Договорот и поткопување на одбранбената, дипломатската и економската соработка со Северна Македонија, со што се зголемува просторот за зајакнување на улогата на третите сили на нашите северни граници, реагираше Дуру до министерот Јоргос Герапетритис.
Пратеничката од партијата Сириза која во 2018 година како владејачка во Грција го потпиша Преспанскиот договор со владата на Зоран Заев, одговорниот грчки министер го праша кога 3-те меморандуми за соработка со Северна Македонија ќе бидат доставени до соодветната Комисија на Парламентот, а потоа и на Пленумот за ратификација, како што Грција е обврзана со Договорот од Преспа и побара објаснување за тоа какви активности ќе преземе грчката Влада доколку соседната земја не ги запази роковите од Договорот од Преспа, имајќи предвид дека почитувањето на Договорот од Преспа е европски критериум за напредок на пристапниот процес на Северна Македонија.
Пред две недели шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис даде изјава и за трите меморандуми со Македонија кои грчката влада сè уште не ги достави за ратификација во грчкиот Парламент, нагласувајќи дека тие „апсолутно зависат од верното и строго почитување на одредбите на Договорот од Преспа“.
Меѓу обврските од Преспанскиот договор на грчката страна договор е и промената на патните табли кои водат кон земјава, каде се уште стои референцата БЈРМ или Скопје, иако според член 14 став 5 од Договорот страни се обврзани да се придржуваат кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, телекмуникациите, знаците и кодовите, а владата се правдаше дека тоа било обврска на локалните грчки власти.
Герапетритис во таа прилика беше дециден дека нема можност за измена на Преспанскиот договор со цел пролонгирање на рокот на важење на македонските патни исправи по 12 февруари.
По овој датум на грчката граница се воведени строги контроли, а бара од граѓаните на Македонија кои по пат влегле на грчка територија да поседуваат и пасош, возачка и сообраќајна дозвола, на кои стои уставното име на државата – Република Северна Македонија.
-Забележани се случаи во кои возачи од Северна Македонија имале нов пасош и нова дозвола, но не и нова сообраќајна дозвола, на која грчките власти рекле дека можат да поминат пеш и без својот автомобил. Според грчки дипломатски извори, за Грција е исклучително тешко да прифати дека пет години не биле доволно време за Северна Македонија да ги замени документите на своите граѓани кои сакаат да патуваат во странство, пишуваат грчките медиуми.






