Хантер Бајден се изјасни за невин по обвиненијата за даночно затајување

Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џо Бајден, се изјасни за невин пред Федералниот суд во Калифорнија по обвинувањата дека затајувал данок, пренесува Би-би-си.

Минатиот месец беше обвинет по девет кривични дела, вклучително и за ненавремено плаќање на даноците во период од 2016 до 2019 година, како и за поднесување лажни даночни пријави во 2018 година и за даночно затајување.

Доколку биде прогласен за виновен по овие обвиненија, Бајден може да се соочи со казна затвор до 17 години.

Претходно против него имаше и обвиненија за кривични дела поврзани со оружје, за кои веќе се изјасни за невин.

Хантер Бајден (53) вчера првпат се појавил во суд во центарот на Лос Анџелес за случаите за даночно затајување. Заобиколувајќи ги медиумите, кои постојано го следат, во судот влегол од задниот влез.

Не им се обратил на новинарските екипи и демонстрантите кои чекаа пред судот по сослушувањето.

Неговиот адвокат Абе Лоуел рекол дека неговиот клиент ги вратил даноците и го гонат поради познатото презиме.

Бајден се согласил да биде ослободен без притвор под неколку услови, како дека не може да пие, да конзумира дрога, да биде вработен или да купува пиштоли. Доколку ги прекрши условите за ослободување, судијата го предупредил дека ќе има налог за негово апсење и може да биде затворен.

Според обвинението напишано на 56 страници и поднесено против Бајден во декември за даночни затајувања, тој заработил повеќе од 7 милиони долари бруто приход во период меѓу 2016 и 2020 година од деловни зделки во Украина и поврзано со врски од Романија и Кина.

Обвинителите велат дека Бајден „намерно“ не успеал ниту да ги плати, ниту да ги поднесе своите даноци до Службата за внатрешни приходи од 2016 до 2019 година, а за сметка на тоа ги трошел парите на лични екстраваганции.

„Помеѓу 2016 и 15 октомври 2020 година, обвинетиот ги потрошил овие пари на дрога, девојки, луксузни хотели, егзотични автомобили, облека и други предмети од лична намена. Накратко, за сè освен неговите даноци“се наведува во документот.

Обвинувањата за затајување на данок и обвиненијата за оружје опфаќаат период кога Бајден бил зависник од алкохол и крек кокаин.

Бајден рекол дека користел забранети супстанци за да се справи со тагата поради губењето на неговиот постар брат Бо од рак на мозокот во 2015 година.

Тој, исто така, ги исплатил сите негови даночни долгови, вклучително и пенали и камати.

Сепак, како што пишува Би-би-си, последното обвинение на Бајден претставува нов предизвик за неговиот татко, кој ќе бара реизбор во Белата куќа.

Во интервју, првата дама Џил Бајден рече дека тоа што му го прават на Хантер е сурово.

„Навистина сум горда на тоа како Хантер го обнови својот живот по зависноста“,рече тој.

 

Back to top button
Close