Хил: Не исклучувам промена на политиката на САД кон Србија за време на Трамп

Американскиот амбасадор во заминување во Белград Кристофер Хил вечерва изјави дека не исклучува промена на американската политика кон Србија по враќањето на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во Белата куќа и изрази очекување дека односите меѓу двете земји дополнително ќе напредуваат, пренесе Бета.

Пред да замине од Белград, каде што неговиот мандат започна на крајот на март 2022 година, Хил за РТС изјави дека е „оптимист за иднината на односите меѓу САД и Србија“.

„Навистина е тешко да се каже (дали ќе има промена на политиката). Мислам дека администрацијата на Трамп, поточно дел од нејзиниот персонал, има искуство со работа со Србија, така што не би отфрлил промена“, рече Хил.

Хил изрази уверување дека двете земји ќе продолжат да ги подобруваат односите и посочи дека Србија денес е во позиција да преговара со САД за многу повеќе работи отколку порано.

Американскиот дипломат, кој беше и амбасадор во Северна Македонија, Полска и Јужна Кореја, рече дека е многу разочаран од ситуацијата во Косово и дека Приштина е во голема мера одговорна за недостатокот на напредок во бриселскиот дијалог.

„Косово требаше да направи одредени работи, како заштита на различни народи, вклучително и Срби. Морам да кажам, сметам дека е многу разочарувачки колку далеку стигнавме во Косово. Многу е јасно дека ова е незадоволителна ситуација“, рече Хил.

Back to top button
Close