Хил: Србите кога ќе се разбудат ќе видат дека Албанците го зазеле Косово

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, денеска изјави дека Србија е во специфични околности кога станува збор за воведување санкции против Русија, главно поради големата зависност од руски енергетски извори и дека во прашање е сложена слика за да може само да се каже „приклучете ни се во санкциите“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Да беше само до нас (САД), а не до Србија, ние би рекле дека мора да се приклучите на санкциите, но ние разбираме дека постојат специфични околности за Србија, изјави Хил на ТВ Хепи, одговарајќи на прашањето како санкциите на ЕУ против Русија би можеле да влијаат на Србија ако побргу не донесе одлуки.

Тој изрази очекување дека „ќе ја има Србија покрај себе“ и истакна дека сè започнува со енергетската независност и дека Србија треба да има различни избори.

-Сигурен сум дека во иднина ќе биде во ред Србија да има избор да зема гас од Русија, но тоа сега не е во ред и затоа треба да и се помогне на Србија во тој избор, рече Хил.

На прашањето за решавање на косовскиот проблем, Хил рече дека било во овој или следниот век „Србите кога ќе се разбудат, ќе видат дека Албанците го зеле Косово за себе“, и затоа, како што рече, тој се надева дека во меѓувреме ќе се постигне нормализација, за да се продолжи со работи кои се важни за просечните луѓе.

Хил оцени дека западните земји бараат од Белград и Приштина да се држат до процесот на дијалог и да се обидат да ги намалат тензиите и да создадат простор меѓусебно да разговараат за да постигнат нормални односи.

На прашањето дали случајот со Косово може да се спореди со случајот со украинските територии кои беа припоени кон Русија, Хил рече дека нема многу сличности, бидејќи Украина е во друга позиција.

– Соседот на Украина, Русија, ја напаѓа Украина и нејзините цивили, а во меѓувреме ги анектира нејзините територии. Вакви работи немаме видено од почетокот на 20 век, забележа Хил и оцени дека ова е поинаква ситуација од онаа поврзана со Косово што се случи пред 23 години.

На прашањето колку бенефиции Србија може да добие во соработка со западните земји во областа на енергетиката, Хил рече дека на Србија и е потребен „бустер“ во овој поглед.

– Една од причините за нашата загриженост во соработката со Србија сега е однесувањето на Русија бидејќи не знаеме што е следно. Она што Путин го направи со Русија е поинаква Русија од онаа на која јас се сеќавам. Веќе не е земја што има најголема поезија, бројни нобеловци, … ова е поинаква Русија и мислам дека треба да бидеме подготвени за тоа и дека најдобра форма на подготовка е сите да работиме заедно уште поблиску, рече Хил.

На прашањето која би била најдобра одлука што би можела да ја донесе Србија во оваа ситуација, Хил рече дека најдобро би било да се поврзе со западните земји, да се фокусира на тоа што може да се направи сега и да продолжи во таа насока.

– САД навистина сакаат да застанат крај Србија, која ја гледаме како историски пријател, партнер и во зависност од тоа што ќе преземе Србија, во иднина таа може да стане наш сојузник, но тоа ќе биде прашање за Србија, изјави американскиот амбасадор во Белград.

Back to top button
Close