Хонвед

Корона изолација е и корисна.Инспиративна е и реминисцентна.Извор е и на носталгични сеќавања за настаните ,кои како и расказите на Чехов, завршуваат со неочекувани расплети.Не знам зошто,но со добар повод, на памет ми падна фудбалот,поконкретно унгарскиот тим од предградието на Будимпешта,Кишпешт ( Мала Пешта),со сега,а и тогаш,популарното име “Хонвед”.Во тоа време бев петнаесетгодишен и фудбалски фан на ОФК(поранешен БСК) поред чиј стадион и живеевме.Се сеќавам на несовладивиот голман Грошич,Кочиш,Цибор,Хидекути и секако Пушкаш,на кого сегашниот унгарски премиер Орбан како да му е двојник.Иста фризура,физичка градба,со една разлика ,што политичаров бил второразреден фудбалер,ама не и политички играч.Во тоа време Хонвед доминираше на европската фудбалска сцена,па во популарните журнали пред почетоците на биоскопските претстави, имавме можност да гледаме детали од несопирливите налети на “унгарската коњица”.Тоа беше време на будење на националните чувства,па и Кишпешт се прекрсти во Хонвед,што на унгарски значи бранител на татковината( хрватски :домобран),што не беше единствено унгарски специјалитет.И во нашата тогашна држава фудбалските тимови ги променија или добиваа имиња во склад со политичка идеологија(Партизан,ЦрвенаЗвезда,Спартак,Динамо,Локомотива,Браник).Денес унгарскиот Хонвед не може да се квалификува ниту за Лига на Европа.

Фудбалскиот вовед беше единствено поради нашите бранители на татковината од кои не можеме да се одбраниме.А кога има бранители има и предавници што во нашата историја не е непознато. Бранителите и предавниците често ги менуваат политичките позиции па така од бранители стануват предавници и обратно.Оно што стандардно останува непроменето и кај едните и кај другите е преокупираноста со власта и нејзините благодети..Татковината е политичка кулиса на локалниве епизодисти,кои видете парадокс, добро заработуваат,уверени дека се месии.Татковината не се брани со пароли.Идентитетот не се единствено наследува ,тој се гради,јазикот не е само дел од идентитетска аксиома,туку лингвистичка законитост во развојот на јазикот.Политичките,читајте партиските бранители на татковината ниту по едно идентитеско прашање немаат исто мислење.За нив изборите се најважни за нивната идентификација и благосостојба.Изборите за нив биле решение, а не проблем. Ја користат флоксула на познатиот наш автентичен маѓионичар,моментално опат,кој своевремено( Косово -1999) ускликна “РМ не е дел од проблемот туку дел од решението”.Можеби и денес некого советува.Ве прашувам почитувани читатели,зошто се толку важни изборите?Што ќе се промени после изборите?По добивањето на датата за почеток(запомните само почеток) на преговорите со подареното членство во НАТО,СДСМ ги губи сите аргументи за спинување дека се бранители на државата и нејзината иднина и за оптужување на опозицијата дека се кочничари на нашите евро-атлантски аспирации.Ќе треба да се испорачуваат резултати,во ситуација на будното око на Брисел,што ќе биде многу тешко и поради очекуваните последици од пандемијата и високиот степен на инфицираноста на сегашната владеачка гарнитура со методите на владеење од претходната. Ако победи пак нереформираното ВМРО се враќаме во феудализмот.А ќе се вратат и одбегнатите. Дупло голо.Избори значат промена на подобро.Сегашниот избор на зашеметените граѓани тоа не им го гарантира.Ова ќе бидат најскапи избори и по кост-бенефит анализата ќе бидат поразителни.

Ние не знаеме асално да се израдуваме на нашите големи успеси,а глорификуваме нешто за што дугите одлучуваат.А кога се радуваме тоа е во партиска иконографија и порака.Во пикот на пандемијата нашите хирурзи достигнаа светски резултати во трансплантацијата на органот,кој најчесто политичарите го злоупотребуваат кога е во прашање љубовта спрема татковината.Пандемијата,дополнително го засени чествувањето по повод на Денот на сесловенските просветители.Изјавите на нашите политички челници се единствено услогласени во неутралноста,плашливоста и стерилноста на пораките.Бугарската страна како секогаш поентира.На тој ден (24. мај.) во секое бугарско ДКП амбасадорите приредуваат приеми на кои ги читаат, од Софија подготвениот текст, во кој дипломатски дискретно,но со препознатлива намера, словенските просветители се третират како дел од бугарската историја.При тоа се делат и брошури така да за две третини од дипломатскиот кор нема дилеми за чиј идентитет на Кирил и Методиј станува збор.Заедничките чествувања со Бугарија во Рим по тој повод се обична фарса,прилика политичарите да се натреваруваат колку пати го виделе Папата и можност за протоколарни гафови,кои се чести,не само од наша страна.Тие се дел од формалните процедури на виртуелно (неканонски) приближувањето на црквите и се користат за поентирање.БПЦ ,секако е во предимство во однос на МПЦ.Минатогодишната апостолска посета на папата Франциско на Бугарија,ја зајакна бугарската позиција и околу потеклото на светите браќа.Деновиве во тој процес се вмешува и РПЦ,чиј Патријарх Кирил објави дека “Кирил и Методиј се словенски браќа”,који ја создале руската азбука.Ние немаме ниту црковна дипломатија,а амбасадор при Светата столица е едно неискусно момче,а во Рим три години немаме амбасадор.

Ние не знаеме да ги афирмираме стекнатите елементи на нашиот идентитет, а уште помалку се трудиме за доградување на новите.Создадените не ги почитуваме.Со двата историски договори крунски докази (Договори со Грција и Бугарија) за успешноста на актуелната власт,ставени сме во дефанзивна ситуација во точките каде што се третираат основните елементи од нашиот идентитет.Бевме невнимателни со скриените формулации и поради цајтнотот наметнат од внатрешни потреби.А тогаш обично се влечат лоши потези.Се разбира дека наведените договори беа за нас неопходно потребни.

Пандемијата ги стопира и нашите надворешно-политички активности, што и не е така лоше.Помалку бламажа на надворешен план.Ама не помага.Хиперактивниот претседател ,со ништо не предизвикан, дава непотребна изјава за приштински весник дека се противи на корекција на границите меѓу Белград и Приштина.Ратоборниот воен дисидент во униформа на министер воени,Вулин остро реагира,а командантот воени поентира и му држи лекција на нашиот претседател.Изјавата беше сосема непотребна.Тој наш став е познат од почетокот на оваа влада и ова не е прва реакција на српската страна.Да потсетам дека РМ го призна Косово како самостојна држава(на 09.10.2008) координирано со Црна Гора на денот кога беше извршен атентатот на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј.Србите го протераа нашиот амбасадор,кој замина на исто место во Софија,а од таму по кратко време,да направат место за електроинжењерот го испратија во Подгорица.Тоа е кадровска политика.По поовод националниот празник на Црна Гора,нашиот МНР упати честитка на својот колега на чистиот црногорски јазик, цитирајќи го Владиката Његош,кој како Србин,кој е протеран од црногорската култура и образованието.Честитката е упатена преку твитер ,на кој најчесто комуницира “Кабинетот на МНР”.Следната очекувана грешка може да биде некоја наша непотребна изјава за Резолуцијата 1244 на ОН.И за ова прашање,како и за поделбата на Косово, Германија уште во 2000 година ја даде својата визија,зашто своевремено известив од Берлин,а која од разбирливи причини не можам да ја соопштам на ваков начин.И полека стивнува пандемијата.Младожењата Реџепи изјави дека Короната е победена,бидејки Алах е на наша страна.

Границите ќе се отворат.Најповеќе се радува потенцијалниот ни младожења, министерот ни надворешни.Оделата се спакувани со жолтата кравата ,а ДКП во кои тепачките се нормален амбиент, добиле инструкции за приоритетите.Можеби првата посета ќе биде незаобиколниот Португал.Народецот пак , потпомогнат финансиски од владата, ќе нагрне по кафеани во кои жолтата ќе чини секако 2 евра,нерегуларните снимци за скандалите ќе се множат,меѓусобните оптужувања на бранителите и предавниците ќе продолжат,датумот за изборите ,кои ништо не решаваат, ќе се договори во дебелите сенки на Водно,гласачите ќе ќарат по едно пенкалце,а можеби и корона и владата ќе биде устоличена.А потоа,пак Корона.

Ѓорѓи Мисајловски

25.05.2020

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close