Хронологија на неуспешни обиди: Разговорите САД–Иран без резултат

Целата измината недела беше обележана со неизвесност околу можноста за одржување нова рунда мировни преговори меѓу САД и Иран во Исламабад, но засега без конкретен исход.
Пакистан, кој ја има улогата на посредник, веќе шест дена презема безбедносни мерки и затвора патишта во пресрет на евентуални разговори, иако сè уште нема потврда дека тие ќе се одржат.
Хронологијата на настаните покажува континуирани обиди, но и застој во процесот.
На 11 април, високи американски и ирански претставници се сретнаа во Пакистан, каде разговорите траеја повеќе од 21 час. Иако двете страни тврдеа дека има напредок, средбата заврши без договор.
На 19 април, американскиот претседател Доналд Трамп најави ново враќање на американските претставници во Пакистан, но тоа не се реализираше бидејќи Иран не донесе одлука за учество.
Два дена подоцна, на 21 април, Трамп прифати да го продолжи примирјето на неопределено време за да се остави простор за дипломатско решение.
На 24 април, Белата куќа соопшти дека специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ќе отпатуваат во Исламабад за нови разговори.
Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, пристигна во Пакистан како дел од поширока регионална турнеја, но иранските власти јасно ставија до знаење дека нема да има директни преговори со САД.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеј, изјави дека се планирани само средби со пакистански претставници, додека државните медиуми претходно објавија дека разговорите со Америка не се на дневен ред.
Ваквата позиција значи дека евентуалната комуникација ќе се одвива исклучиво преку посредници, што дополнително ги намалува шансите за брз пробив и постигнување договор.
Извор: skopje1.mk






