Хрватска наводно не дозволила авион од Москва да ги врати дома протераните дипломати, Русија се заканува

Портпаролката на руското МНР денеска со остар тон го коментираше наводното одбивање на Хрватска да организира „хуманитарен лет“ за враќање на протераните руски дипломати во родната земја, јавува Индекс.

„Хрватска одби да организира хуманитарен лет за вработените во руската амбасада во Загреб. Москва ќе одговори на тоа“, рече Захарова.

„Во својата милитантна русофобија, официјален Загреб дојде до точка кога одби да организира хуманитарен лет на недипломатски начин, кршејќи ги правилата за пристојност и стандардите на меѓународната комуникација, за да евакуира голема група вработени во руската амбасада со нивните семејства, вклучувајќи и мали деца“, изјави Захарова за руските медиуми.

„Ваквиот понижувачки став нема да остане без одговор. Станува збор за луѓе на кои хрватските власти неразумно им наредиле да ја напуштат Хрватска“, додава Захарова.

Хрватска протера 18 руски дипломати од Загреб и шестмина членови на административниот персонал на Руската амбасада.

Премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека не гледа каде е проблемот и дека се работи за руска пропаганда.

„Колку што знам, овие луѓе ја напуштија Хрватска. Мислам дека прелетаа над Белград или слично. Нема русофобија, има јасен политички став на Хрватска дека тие што не се испровоцирани од ништо, неоправдано, незаконски, кршат сите правила на меѓународното право и ред, ја нападнаа Украина, која ни е пријателска земја, напаѓаат градови, продолжуваат да убиваат жени и деца, а ние одговараме на тоа како и повеќето други земји“, рече Пленковиќ.

Премиерот вели дека на дипломатите им бил даден рок од две недели за да ја напуштат земјата и дека тој бил доволен.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close