ИЈЗ: Засега кај нас нема регистрирани случаи на хантавирус
Во овој момент нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со Република Северна Македонија, ниту постојат индикации за ризик по јавното здравје во државата, информираат од ИЈЗ, по состојбата поврзана со пријавениот мултинационален кластер на случаи на инфекција со хантавирус поврзан со патување на крузерот MV Hondius во регионот на јужниот Атлантски Океан.

Според информациите објавени од Светската здравствена организација (WHO), Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и националните здравствени власти на засегнатите земји, досега се регистрирани 8 потврдени како и сомнителни случаи кај патници и членови на екипажот, вклучително и 3 смртни исходи. Епидемиолошките, клиничките и лабораториските испитувања се во тек, а меѓународните здравствени институции спроведуваат координирана истрага со цел утврдување на изворот на инфекцијата, можниот начин на изложеност и проценка на ризикот.
„Според моментално достапните информации, изложеноста најверојатно е поврзана со активности и престој во области каде постои природно присуство на глодари, природни резервоари на хантавирусите. Во тек е дополнителна анализа за утврдување на точниот тип на вирусот и евентуалните фактори кои придонеле за појавата на кластерот“, информираат во ИЈЗ.
Хантавирусите се група на зоонозни вируси кои циркулираат кај различни видови глодари. Луѓето најчесто се инфицираат преку вдишување на аеросоли контаминирани со урина, измет или секрети од инфицирани глодари, како и преку директен контакт со контаминирани површини






