Ибрахимовиќ: И Западниот Балкан има свои одговорности, мора да ги спроведеме реформите
Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ, денеска, на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, оцени дека процесот на пристапување кон Европската Унија мора и понатаму да биде трансформативен процес кој ги зајакнува институциите, владеењето на правото, демократијата, но и кој создава подобри можности, поголема економска конвергенција и посигурно опкружување.

– Западниот Балкан исто така има свои одговорности. Мора да ги спроведеме реформите – рече Ибрахимовиќ.
Тој оцени дека состанокот во Пржно се одржува во време кога, како што рече, светот брзо се менува.
– Европскиот континент се соочува со конвенционални воени закани, но и со хибридни напади, кибер закани, дезинформации, странско мешање и растечки притисок врз критичната инфраструктура – рече тој.
Тој додаде дека истовремено и Европа минува низ длабока економска и технолошка трансформација.
– Сметам дека европската перспектива на Западниот Балкан не смее да се набљудува исклучиво како институционален процес. Тоа е, во суштина, прашање на безбедноста, просперитетот и иднината на нашите граѓани – рече Ибрахимовиќ.
Тој додаде дека институциите мора да се зајакнуваат, да се намалуваат политичките тензии и отворените прашања да се решаваат преку дијалог.
– Исто така, мора со своето дејствување да покажеме дека европските интеграции не се само стратешка цел, туку и процес на трансформација кој сме подготвени самите да го спроведеме. Сепак, европската перспектива претставува и заедничка одговорност. Европската Унија има важна улога во зачувувањето на кредибилитетот и динамиката на процесот на проширување, во давањето поддршка на реформите, како и во обезбедувањето сè поголема интеграција на Западниот Балкан во европскиот економски, политички и безбедносен простор – рече тој.
Како што истакна, регионот не треба да се набљудува исклучиво како идно проширување на Европската Унија, оценувајќи дека веќе сме дел од европското безбедносно опкружување.
– Веќе придонесуваме за европската безбедност преку усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, учество во европските и евроатлантските структури, како и преку напорите да ја зајакнеме отпорноста на заканите кои сè повеќе нè погодуваат сите нас. Токму поради тоа Берлинскиот процес останува важен – рече шефот на црногорската дипломатија.
Тој наведе дека процесот се зајакнува токму затоа што го обединува Западниот Балкан и државите членки на ЕУ околу практична соработка, поврзаност, мобилност, помирување и заедничка европска иднина.
– Да го искористиме овој состанок за да го потврдиме едноставното начело: побезбеден, попросперитетен и повеќе европски Западен Балкан значи посилна Европа во целина. А Црна Гора е подготвена да ја продолжи соработката со сите вас за остварување на таа цел – истакна Ибрахимовиќ.






