Невреме на грчкиот остров Крит – проблеми во бродскиот сообраќај во Грција

Пораки од бројот 112 за ограничување на движењата поради невремето што рано утрово го зафати Крит добија жителите на неколку населени места во северниот дел на островот, додека пак силниот ветер предизвика проблеми во бродскиот сообраќај во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Островот Крит, со одлука на Генералниот секретаријат за цивилна заштита од синоќа до недела е ставен во состојба на мобилизација „Црвен код“ („Red Code“), поради најавите за невреме и високата опасност од поплави.

Според информациите од противпожарната служба на Грција од силниот дожд погодени се регионалните единици Ираклио и Ласити, а голем број пожарникари се на терен, пред сè за укажување помош, испумпување вода, отстранување дрвја и евакуација на лица на безбедни места.

Поради обилните врнежи, на одредени места е зголемено нивото на водата, а проблеми има на патната мрежа во конкретните региони.

Рано утрово силниот дожд предизвика проблеми и во околината на градот Ретимно, каде што според локалните медиуми, поради лизгање на земјиштето предизвикано од обилните врнежи, мал мост целосно попуштил во моментот кога минувал автомобил во кој имало две лица, повозрасна брачна двојка.

Возилото пропаднало во дупка, а патниците биле спасени, без посериозни повреди, но биле превентивно пренесени во болница.

Од бројот 112 за итни случаи заклучно со 10 часот утрово беа испратени вкупно три пораки до жителите на погодените области да ги ограничат движењата.Паралелно, во делови на островот соодлука на општините денеска се затворени училиштата.

Силниот ветер што во одредени делови на Егејското море се очекува да достигне и до 8 Бофори создаде проблеми во поморскиот сообраќај.

Претпладнево има забрана за пловидба од атинските пристаништа Рафина и Лаврио, додека пак на најголемото пристаниште Пиреас има промени на одредени линии.

Back to top button
Close