ИДФ нападнаа инфраструктура на Хутите во Јемен
Израелската армија (ИДФ) соопшти дека ноќеска се извршени воздушни напади врз непријателски цели во Јемен и потврди дека израелските воздушни удари се одговор на вчерашниот ракетен напад на јеменските бунтовници Хути врз аеродромот Бен Гурион во Тел Авив.
Според тврдењата на ИДФ, борбени авиони на израелското воено воздухопловство нападнале инфраструктура на Хутите долж брегот на Јемен, вклучувајќи го пристаништето Ходеида и фабрика за бетон во близина на градот Баџил, оддалечен околу 2.000 километри од Израел, пренесува Тајмс оф Израел.
„Хутите го користат пристаништето Ходеида за пренос на иранско оружје, опрема за воени потреби и за други терористички цели“, се наведува во соопштението на ИДФ и се додава дека во воздушните напади врз Хутите во Јемен учествувале околу 20 борбени авиони и дека се лансирани 50 проектили врз пристаништето Ходеида и фабриката за бетон во близина на Баџил.
Објавени се слики кои прикажуваат авиони како се подготвуваат за полетување со информација дека во операцијата учествувале извидувачки и авиони за полнење гориво во воздух.