Илјада и една ноќ

Во ветената куќа на (сепак само) три столба, дури и да ја додадете одговорноста како можен (неопходен!) четврти столб, сепак недостасува најважното, најцврстото, најнеопходното – темелот наречен реформи во културата! Иако и оваа влада, како впрочем и пертходната, милуваше да се нарекува реформска влада, малку од тоа видовме во праксата. И за тоа голем дел од граѓаните имаа разбирање, и за тоа, впрочем, повторно им дадоа доверба на безмалу истите луѓе. Никој нема, и не може, да каже дека реформи во еден таков закржлавен, закостен во злосторство систем се лесни и едноставни и особено или се изводливи преку ноќ, иако и такво нешто беше најавувано во жарот на „Шарената револуција“. И никој добронамерен нема тоа да го земе за зло. Ама ноќта се оддолжи, поминаа повеќе од илјада и една ноќ (воопшто не асоцирам на позната приказна, туку самата бројка е реална!) а многу малку се случи. Некаде – ништо, некаде по нешто, некаде (велат) дури регресираме. Требаше да има реформи во целиот државен апарат, па во правосудството, здравството, образованието, социјалата… во сите сегменти на системот којшто, очигледно е, врти во место, илити – шлајфува, како што популарно се вели. Фактот дека Бугарија го превзела кормилото на најкорумпирана држава во ЕУ не е баш многу за радување (иако, ама скришно – е’!) зашто ние сме сепак и се’ уште многу блиску до врвот, на самиот светски врв сме и по загадувањето, по неписменоста или функционалната неписменост, по криминалното судство итн. Сега и по неспособноста во справувањето со пандемијата!

Притоа, за волја на вистината, и во културата останавме на опашката на регионот и ЕУ, за светот и да не говориме. Иако не беше така. Велам – не беше така зашто културата во таа 2017 година прва започна со реформите односно го постави тој носечки темел како приоритет. (А сега ќе изречам една прилично еретичка мисла: дали можеби заради тоа беше сменет тогашниот министер, зашто даваше „лош“ пример додека другите спиеја?!). Но потоа културата заглави во политичките пазарења и двегодишното катастрофално „министерување“ коешто повеќе заличуваше на некултурно етно-мешетарење отколку на некаква политика! Сепак, и онаа една година укажа на сите слабости, отвори многу прашања, посочи на можни излези… па дури, ако баш сакате, подотвори и некоја вратичка.

Е сега, дали со неспомнувањето на зборот реформи во културата во новава влада и првото обраќање на министерката требаше да се прати некаква порака? Дали власта сака да ни порача дека не’ чекаат нови илјада и една ноќ, со „преспивање“ ваму-таму и со инцидентни „пеглања“ на „културниот систем“? Не верувам, односно не би сакал да верувам зашто после оние двајца „министри“ приправници кои упропастија се’ што можеше да се упропасти, зарем некој навистина (повторно) би се нафатил залудно да преседи години во некаква министерска фотелја? Ако и бидат години, нели?! Повторно – не верувам!

Затоа, нештата мораат да се корегираат. Не знам кои се советниците на министерката за култура, ама – го има ли зборот реформи во нивниот стручен вокабулар? Ако не, треба веднаш да ги смени. Ако да, нека загреат столче и нека кажат што и како ќе прават во културата! Инаку, онакви општи назнаки како оние столбови, па уште климави, не водат никаде.

Од друга страна, многу слухови кружат низ Скопјево, слухови коишто, барем јас, не би сакал да ги видам реализирани. Едниот од нив е укинувањето на единственото тело во државава коешто – иако крајно опструирано – како-така се грижеше за некаквиот тек на реформите во културата а се викаше Координативно тело за спроведување на реформите во културата. Можеби сум субјективен, зашто бев член таму, ама дали неговото укинување значи дека на Министерството, од вчера, не му е потребна експертска помош за спроведување на реформите? И дали тоа значи дека сега новиот „тим“ составен од не повеќе од пет-шест поединци навистина е толку капацитетен та може на сопствените мозочни мускули да ги изведе сите реформски процеси? Ако е тоа навистина така, со чисто срце ќе им честитам!

Но, не е само тоа. Велат, а вели и министерката во едно од нејзините интервјуа, дека онаа Работна група за справување со последиците од СК 2014, ќе биде заменета со Асоцијацијата на архитектите на Македонија. Што и не е така лошо, кога толку би го стесниле фокусот врз СК 2014 само и единствено на – архитектурата!? Ама не е така, и тоа некој мора да го каже, јасно и гласно, зашто тој самонаречен проект не е само архитектура туку е и историја, заштита, уметност, социологија, образование, право… Или сега архитектите – без навреда – ќе ги промовираме во ренесансни сезнајковци? Извинете, ама нештата во реформите мора да добијат нормален тек, инаку на културата и’ нема спас! Се разбира, сите овие мои констатации се подложни на секакви па и мои (иако не само мои) преиспитувања, особено на спомнатите во текстот, ама токму тоа ми е поентата: каде заглавија реформите во културата, зошто никој не смее да го спомне тој збор, зошто треба да се укинат сите реформски тела во Министерството… и, конечно: ќе има ли реформи во културата и кој ќе ги спроведува?

Златко Теодосиевски

Извор

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close