Илјадници лица во светот протестираат поради убиството на Џорџ Флојд

Антирасистички протести се одржуваат во САД веќе шеста ноќ по ред откако бел полицаец го уби невооружениот афроамериканец Џорџ Флојд, а сега се проширија во целиот свет.

Во текот на викендот, демонстранти се собраа во Лондон, Берлин и Окланд, меѓу другите градови, за да се побунат против полициската бруталност и да покажат солидарност со американската јавност, која бара одговорност за смртта на црнецот.

Во Велика Британија, луѓе се собраа на плоштадот Трафалгар и покрај актуелните епидемиолошки мерки, според кои сè уште е забрането собирање на голем број луѓе на јавни места. Дел од нив протестираа пред Американската амбасада.

Американската амбасада беше мета и на протестите во Берлин, а демонстрантите носеа натписи на кои пишуваше: „Животот на црните луѓе е важен“ и „Правдата не може да чека“.

„Нема правда нема мир“, извикуваа Данците на улиците во Копенхаген додека протестираа против постапувањето со Џорџ Флојд. Во италијанскиот град Милано, масата народ организираше флешмоб пред американскиот конзулат. Протести се одржаа и во Швајцарија, Шведска, Шпанија…

На Нов Зеланд се одржуваа протести во неколку градови и се собраа илјадници луѓе. Истото важи и за Канада.

Информацијата за убиството на невооружено црно момче стигна до Сирија каде што уметниците Азиз Асмар и Анис Хамдун насликаа мурал со неговиот лик.

Повеќе од 4.400 демонстранти беа уапсени за време на протестите што избувнаа во САД по повод убиството на Џорџ Флојд, а кои траат веќе шест дена. Мирните протести се претворија во вандализам и грабеж низ целата земја, а полицијата мораше да употреби солзавец и гумени куршуми за време на судирите со демонстрантите.

Тројца демонстранти се убиени во судирите со полицијата, еден во Кентаки и двајца во Ајова.

Во Њу Џерси демонстрантите запалиле полициско возило, кршеле прозорци, а во цела земја се забележани случаи на грабежи од искршените продавници.

Back to top button
Close